RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk
Петок, 26 Февруари 2016 12:28

Подвижна тапа

За многумина почетници, или пак риболовци кои досега не ловеле на подвижна тапа, овој начин на ловење им претставува тотална енигма.

Токму затоа во овој пост Ви го претставуваме риболовот на подвижна тапа.

Подвижната тапа најчесто се користи кога сакаме да фаќаме на место кое има поголема длабочина. Пример сакаме да фаќаме на 10 метри, 15 метри, 20 метри или повеќе. Доколку фаќаме со обична т.е фиксна тапа, тогаш неможеме да ја постигнеме саканата длабочина и затоа мора да фаќаме или на дубинско, или со подвижна тапа.

Подвижните тапи лесно ќе ги препознаете во секоја продавница, по тоа што за разлика од обичните тапи, подвижните најчесто немаат дупка во средина и имаат две окца и горе и доле на самата тапа. Основната функција на овие окца е да овозможат слободен проод на рибарскиот конец.

1

Контролата на длабочината на која сакаме да фаќаме кај подвижната тапа е со тоа што на конецот поставуваме стопер која ја стопира тапата на онолкава должина колку што ние сакаме. Ако сакаме да фаќаме приближно до дното, тогаш стоперот го дигаме цело време, се додека тапата не се преврти во хоризонтална положба, тоа значи дека оловото го допрело дното. Кога веќе сме виделе колку од прилика е длабочината на местото на кое фаќаме, со мало поместување на стоперот надоле (околу 30 сантими) доаѓаме до идеална длабочина, т.е нашиот мамец е блиску до дното (секако ако сакаме да ловиме на таа длабочина). Ако сакаме да ловиме во средните слоеви на водата, тоа повторно го регулираме со стоперот, т.е со негово спуштање надоле.

Стоперите можат да бидат најразлични, некои луѓе врзуваат конче на конецот, некои врзуваат ластиче,

2

меѓутоа најкористени и најпрагматични сепак се готовите стопери кои се купуваат во риболовните продавници.

3

4

5

За разлика од импровизираните стопери, готовите стопери се помали, полесно ги поминуваат окцата на трската, направени се од материјал (гумени, или силиконски) за подобро да се држат на конецот, не се лизгаат често и потешко може да ја изгубиме длабочината која веќе еднаш сме ја одредиле. Ако користите вакви стопери тогаш гледајте да ги поставите на конецот пред воопшто да ја монтирате тапата, јадицата и оловото, за да не правите се од почеток.

Бистро

Петок, 26 Февруари 2016 12:12

Хранилиште за крап

Како и за многу видови риби, така и за крапот прихранувањето е особено битно за привлекување на рибата и задржување на место на кое ние и ја пласираме нашата мамка.

Многумина риболовци кога одат да фаќаат на некое место најчесто ќе земат шеќерац, пченка, пченица, ќе испофрлаат некоја рака и почнуваат да ловат, влечејќи искуство од ловење на други риби, како што се попадиката, карашот, бојникот, мрената и сл.кои со такво инстант крмење доста често знаат да дадат резултат. Сепак кога зборуваме за ловење на крап, поискусните крапџии ќе Ви потврдат дека за да имате некаков резултат, или подобар резултат, ќе треба добро да го спремите теренот на кој ќе риболовите.

Чекор – Одбирање на терен и место каде ќе фрлате прихрана

Одбирањето на место каде точно ќе риболовите е доста битно и во многу случаи може да биде пресудно. Не е само да се спреми добра прихрана, добри бојли, мамки, атрактори и сл. треба да се внимава каде ќе се пласира целата таа храна. Најдобро е ако го знаете теренот, хранилиштето да го правите онаму каде што има релативно почист терен (да не фрлате храна во шума под вода). Ако има некои грмушки, треви или друг заклон за рибите во близина на чистото место каде ќе пласирате храна, тоа е одлично место. Второ - хранилиштето да го правите на место кое нема големи длабочини. Крапот е риба која многу ретко се лови на 15, 20 или повеќе метри. Значи потребно е да се бара место кое е 3 – 10 метри и тука да се прави хранилиштето. Кога зборуваме за одбирање на место, длабочина и терен, кај поискусните крапџии позната е постапката Сондирање на теренот и подготвување на мапи на истиот, но сепак за тоа во друга прилика. Трето, но не помалку важно, да пробате да пласирате храна онаму каде што сметате дека крапот се движи. Ова е доста тешко, но ако сте почесто на вода, ако имате добро информации, ако сте гледале активност на крапот, може лесно да претпоставите и одберете место.

Временски подготвување на хранилиштето

Како што претходно истакнавме, за ловење на крап не е добро да фрлите некоја рака шеќерац и да се надевате на улов на крап. Вака инцидентни удари може да сте имале, но сепак тоа е само инцидент. За да се каже дека спремате хранилиште, сепак треба да го спремате некое време пред да ловите. Ако одите на неколку дена риболов, почнете да крмите од почеток и надевајте се дека можеби вториот, или третиот ден ќе имате по некој удар. Ако одите на подолго фаќање тогаш имате поголема можност за спремање на хранилиштето. Сепак се чини најдобро е постепено, на повеќе наврати, со недели/месеци наназад на своето место да пласирате одредена количина на храна, со цел крапот да го научи тоа место и што почесто да го посетува во своите секојдневни рути на барање на храна. Вакво хранилиште особено ќе Ви ги зголеми шансите за добар улов кога ќе дојдете да риболовоте.

Форма на хранилиштето

Некои луѓе храната ја исфрлаат како ќе им текне, некио храната ја пласираат на куп, некои прават форма на хранилиштето, некои прават две хранилишта, некои две линии, некои прават мало хранилиште, некои прават голем тепих под вода. Секое од овие варијанти си има своја идеја, замисла и цел. Основната идеја е на тоа место да се вртат риби, да има постојана активност, крапот да е заинтересиран да види што се случува тука и секако да се научи дека тука има храна. Доколку се прават две оделни хранилишта на релативно мал потег, тоа е најчесто поради идеата да се пласираат две различни ароми, или две различни мамки. Кога се прави голем тепих под вода, тоа најчесто е на големи и чисти терени, каде што риболовецот планира да покрие што поголем потег од водата за рибите што полесно и во што поголем број да легнат на големото хранилиште. Некои прават хранилиште во форма на буквата V со идеа добро да ги распоредат трските, во подлабоко и поплитко и да се примами крапот од подлабокото (краците) кон јадрото поплиткото.

Бистро

Што е тоа ПВА?

PVA1ПВА (PVA Polyvinyl Alcohol) е соединение кое се растопува во вода и е неизбежен додаток во модерниот крапски риболов, ПВА производите се произведуваат во многу варијанти меѓу кои најпознати се конецот, врекички, мрежата и лентата. ПВА се користи за прихрана целна прихрана со што се концентрира прихраната околу мамецот. Прихранувањето со пва се користи за мали до средни дистанци, но при правилната подготовка и правилно зафрлување, нема проблем да се зафрли и до 100-на метри.
Во овој текст ке се концентрираме на пва врекичките кој се полнат со разни видови на пелети, здробени боили, пченка, разни семенки итн. Исто така може и да се додадат и специјализирани дипови кој се означени како ПВА Пријателски (PVA Friendly).

Потребни алатки:

За постигнување на растојание околу 100-на метри ви е потребен здрав рибарски стап и обавезно е користењето на шок лидер, кој може да е и обичен најлон со дебелина над 0.45мм.

Подготовка на пакетот:
Храната која ја ставаме во врекичката треба да е апсолутно сува, затоа што било какво присуство на вода ке го стопи пва врекичето. Како основа може да се користат здробени боили, пченка која преходно е протркалана во прашкаста прихрана за да ја упие влажноста, разни големнини на пелети итн.

Должината на поводникот ми варира меѓу 10 и 20 см ..

1. Фатете ја монтажата и ПВА пакетчето

PVA2

2. Ставете го мамецот во едниот агол на пакетот ПВА

PVA3

3. Исполнете пакетот до половина. Во дадениот случај јас користам мешавина од пелети со различни големини.

PVA4

4. Ставете го оловото во пакетот, така што да лежи врз мешавината од пелети и притоа бидете внимателнида предвезот не е уплеткан.

PVA5

5. Досипете со пелети до 2/3-ти од обемот и заврзете пакетот со ПВА-лента. Превртете ги ќошињата на пакетот, натопете ги нежно и припојте ги кон пакетот.

PVA6

6. Продупчете го така спремениот пакет десетина пати со игла за боили.

PVA7

7. Вака готовиот пакет е многу добро спакуван и има речиси аеродинамична форма, погодна далечни зафрлувања.

PVA8

8. По пропаѓањето, пакетот брзо се распаѓа, формирајќи куп исхраната, над центарот на која се издига вашиот мамец.

PVA9

Петок, 26 Февруари 2016 11:51

Како да се фати крап?

Тоа е една од најчестите прашања поставувани од страна на сите заразени рибари и потенцијални крапчии. Во пронаоѓањето на одговор на ова основно прашање, понекогаш и основните принципи и знаења за лов на крап, може да се изгубат под постојано бомбардирањето со информации за нови методи, системи, мамци и пристапи за лов.

Па, во сета оваа бркотница, повторно се поставува прашањето, како да се фати крап?

Една од најпрвите работи кои треба да се знаат кај крапскиот риболов е да се менаџираат очекувањата, т.е просто кажано да не забегуваме со оптимистички прогнози и после да се разочаруваме. Фаќање на крап не е лесно, но за многумина, тоа е токму предизвикот. Крапот е доста умно суштество и не е секогаш лесно да се надмудри. Всушност многу познати крапџии потврдуваат дека помеѓу нивните добри и богати улови, стојат многу промашени експедиции.

За почетниците, важно е да се нагласи дека во крапскиот риболов треба да се влезе нежно, т.е да не се оди веднаш на очекувања дека ќе “мавне“ некој од големите, туку најдобро е да се почне од помалите.

Можеби една од првичните работи е да почне да се учи уметноста на лоцирање, фаќање и вадење на крапот. Ова е добро да почне да се вежба на добро порибени води, како што се на пример приватните езерца. Тие се добра можност за почетниците, како некакво предзнаење за моментите кога ќе се соочите со крап на дивите води. На ваквите води има многу поголема можност да добиеме vo cekanjeповеќе удари на крап, а повеќе удари на крап значат поголема можност за да се стекнеме со разноразни знаења каде удира, а каде не, да почнеме да вадиме првични прогнози зошто ни удрило на едно место, а не удрило на друго, зошто удрило на еден мамец, а на друг не, зошто удира само на една трска, а на другите не, зошто насабајле удираше, а попладне не сака.

Опремата е важна, но не се залажувајте дека уште на почетокот треба да имаме специјални крапски трски, посебни држачи за трските, скапи сигнализатори, јаки машинки, посебни бојли и сл. Имајте на ум дека крапскиот риболов стана масовна индустрија за продавниците и производителите на крапска опрема и храна, кои се почесто плаќаат добри маркетинг специјалисти кои им спремаат вистински стратегии кои треба да ги убедат читателите дека мораат да имаат ваква или таква опрема/храна за да фатат некој крап. Нека не ве залажуваат.

За да започнете со учење, све што ќе ви биде потребно е да имате посилна трска, средна или поголема машинка, да научите да врзувате основни подвези, да користите појаки јадици, да употребувате пченка како еден од најдостапните мамци за крап и ако ловите на дубинско да си користите ѕвончиња, или да бидете блиску до трската за да не ви ја одвлече некој крап во водата.

Кога веќе сте на вода, искуството ќе си го направи своето. Учете од оние кои повеќе знаат од вас. Ако ловите на техника на која сте ловеле и претходно, немојте да мислите дека ловењето на крап е нешто многу поразлично од ловењето на пример на клен на дубинско. Ќе има многу ситуации кога на вашата мамка ќе удираат и други риби, со тек на времето ќе сватите и зошто, која е улогата на мамците, системите, длабочината на која се бара крапот, големината на мамецот и сл.

За почеток, можете да се потрудите да направите најобичен систем за длабочинско фаќање, т.е фаќање на дно, затоа што крапот најчесто својата храна ја наоѓа од дното. Значи ќе ви биде потребно нешто потешко олово, 10, 20, 30 грама и подвез врзан за “осмица“. Што се однесува до јадиците ако сте во можност користете ковани јадички со број 10, 8, 6, во зависност од големината на краповите кои ги има во водата на која ловите.

За мамец, немојте да мислите дека бојлите се најдобриот и перфектен мамец за крап – ќе се излажете. Многупати пченката и пченицата се покажале како одличен мамец.

Петок, 26 Февруари 2016 11:46

Зошто баш КРАП?

Не дека крапот поседува некои особини на “риба - БОГ“ и далеку од тоа дека треба да се стави на пиедестал и на прво место пред останатите риби, но факт е дека во изминатите години крапскиот риболов е во најголем подем и голем број на рибари се “заразени“ со лов на крап.

Зошто е тоа така ?

Постојат голем број причини зошто крапскиот риболов постанува се поактрактивен, но генерално има неколку главни фактори :

1. Краповите имаат тенденција да бидат најголемите риби во езерото, или реката. После сомот, во цела Европа, па и пошироко, токму крапот е најголемиот, а она што е најголемо, често е и најатрактивно за ловење. Голем број од нас можеби се специјалисти за попадика, бојник или мрена, ама крапот не расте до 2-3 кила, туку и над 30 килограми Wink

2. Откако ќе биде закачен, крап е еден од најсилните борци на јадица, обично се борат на секоја педа на патот кон нашите мрежи (а често и внатре во нив). Борбата значи адреналин, а адреналинот е она што најмногу се бара.

3. Крапот е особено лукава риба. Со текот на времето краповите учат и стануваат особено претпазливи. Ова особено се однесува за местата каде се хранат и храната која ја земаат. Значи не само силен, туку и умен противник, тоа е една од најсилните причини крапот да стане предизвик за многу рибари.

4. За да го фатиш, треба да осознаеш многу работи, многу ситници кои можат да значат улов, губење на уловот, или бесполезно чекање на крапот со денови, без никаков резултат.

5. Воедно, треба да се истакне дека крапскиот риболов има и силна социјална страна. Всушност, социјална страна има секој риболов каде се оди и се престојува во природа повеќе денови, а крапскиот риболов е токму таков. Па така, на разните ливади покрај езерата, во бесконечните часови во кои со нетрпение се чекаа сигнализаторот да писне, доста често се случуваат разни пријателства, седење покрај огнот, дружби, салати, скари и пијанки, едноставно добра дружба.

Сè на сè, крапскиот риболов е голема школа, голем предизвик и добра забава.

Се надеваме дека во понатамошните текстови за крапскиот риболов кои ќе следуваат во иднина, голем број од оние кои сеуште не се запознале со неговото височество “КРАПОТ“, ќе успееме да ги заразиме, а воедно се надеваме дека, ќе потикнеме и дел од македонските мајстори за крап да ни доловат некои од нивните тајни, кои ние не ги знаеме, а кои македонските рибари со нетрпение ги очекуваат.

Бистро крапџии !

Четврток, 25 Февруари 2016 15:47

ЗРСК Пастрмка - Струга

Здружение на риболовци спортски клуб “ПАСТРМКА“ - Струга

Концесионер на риболовниот ревир „река Црн Дрим 1“

Рекреативен риболов е дозволен исклучиво со поседување легитимација и дозвола за рекреативен риболов.
Цени на риболовни дозволи за 2016 година:

1600 ден. - годишна дозвола
700 ден. - петнаесетдневна дозвола
500 ден. - седумдневна дозвола
200 ден. - дневна дозвола

Жиро сметка: 200000003399648
Депонент: Стопанска банка
e-mail адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Контакт телефон: +389 77 766-777

Претседател: Емил Матовски
Телефон за контакт: 078/255-040

Рекреативен риболов е дозволен преку целата година освен во периодот за мрест.
Одредена е забрана за риболов поради мрест на одрдени видови риби и тоа во период:

Пастрмка - од 01. Октомври до 28/29 февруари наредната година
Црна мрена - од 15 мај до 30 јуни
Скобуст - од 15 април до 15 мај
Клен - од 05 мај до 15 јуни
Крап - од 15 мај до 30 јуни

Риболов на пастрмка е дозволен во периодот петок, сабота, недела и за државни празници во периодот од 1 март до 30 септември.
Сите уловени риби во периодот кога е предвидена забрана за истите, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.
За оние видови на риба за кои не е предвидена забрана за мрест рекреативниот риболов ќе биде дозволен преку целата година.
Голема река и Вевчанска река, по целото нивно течение се определени како природни плодишта каде се мрести пастрмката и на истите e определена забрана за секаков вид риболов во периодот од 1 октомври до 1 март

Дозволен дневен улов, по видови на риба, за рекреативен риболов :

пастрмка во река Црн Дрим - 2 примероци
пастрмка во притоките на река Црн Дрим - 3 примероци
црна мрена - 25 примероци
скобуст - 13 примероци
клен - 10 примероци
крап - 1 примерок
јагула - 1 примерок

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба изнесува вкупно 3 кг. Доколку во уловот има разни видови на риба, вкупната количина во еден ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати максималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Големина на рибите под која не смеат да се ловат:

Пастрмка во р. Црн Дрим - 40 см
Пастрмка во притоките - 30 см
Црна мрена - 20 см
Писа - 20 см
Скобуст - 25 см
Клен - 30 см
Крап - 40 см
Јагула - 50 см

Сите уловени риби под определената големина, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.
За останатите видови риби кои, кои не се наведени во табелата, може да се ловат во сите големини.
Ракот е забранет за ловење во сите големини.

Четврток, 25 Февруари 2016 15:24

Страната ribar.com.mk е повторно во функција

Почитувани колеги риболовци,

Ве известуваме дека сајтот ribar.com.mk е повторно во функција. Во изминатиот период поради напад со вируси на серверите каде што се хостира сајтот, дојде до оштетување на дел од веб страната и истата не беше во можност да функционира како што треба (дел и поради застареност на платформата на која беше поставена), па затоа решивме привремено да ја исклучиме за да направиме нов и модерен сајт. Во меѓувреме функционираше само форумот на ribar.com.mk/forum

Во моментов се уште работиме на страната, ова е првична верзија, работите постепено се префрлаат од старата страна, колку што нам ни дозволува времето.

Се надеваме дека за кратко време ќе го скоцкаме комплетно сајтот и ќе го освежиме со нови информации корисни за риболовците од Македонија. Доколку имате сугестии или предлози, идеи за нешто што би сакале да видите на сајтот дополнително, слободно испратете ги на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Со почит,

Администрација

Четврток, 25 Февруари 2016 15:23

“Отворена“ е сезоната на Црн Дрим

Како што не извести на форумот Емил од Пастрмка - Струга, на Црн Дрим 1 почнал да работи бојникот и кленот.

Бистро!

 

Четврток, 25 Февруари 2016 15:11

Чешко нимфарење

Чешка нимфа и чешко нимфарење се специјален тип на риболов, кој се разви во регионите на средината и источна Европа. Оригиналната полска нимфа беше преземена од Чешките рибари во текот на осумдесеттите години на дваесеттиот век. Особено врвот на Чешките натпреварувачи експериментирале со овој нов метод, го развиле и го донеле речиси до совршенство.
Принципот на риболов со Чешка нимфа е риболов на кратко растојание , практично под врвот на трската, дека ние ја држиме во испружена рака. Шнурот виси под врвот на трската и неговиот крај често дури и не допира до нивото на водата.

Две или три нимфи со различни тежини се користат. Класични нимфи за начинот на риболов се таканаречените Bobeshs. Но исто така и други видови на мушички се користат (џиг нимфи, со отежнати перли, тунгстен и сл)

Чешки нимфи се отежнати мушички , имитирајќи ракчиња, ларви на сеџ мушички итн... Се користат со големина на јадица 8-16. Чешката нимфа е прилично едноставна мушичка во врска со нејзината изработка. Карактеристични јадици се заокружени (свиткани) gammarus јадици, кои се отежнати со оловна жица. Телото е создадено од природни или синтетички дабинг. Друга типична карактеристика на Чешката нимфа е задниот дел, направен од латекс фолија или материјал со слични карактеристики. За ребра на мушичката се користи монофил, обоена жица... Реалната чешка нимфа е секогаш врзана како многу тенка, да потоне многу брзо кон дното.

Четврток, 25 Февруари 2016 15:05

Суви мушици

Сувата мушичка претставува поим под кој се мисли на сите мушички со кои се лови на површината на водата или над водениот филм. Мушичката на водата мора да се однесува природно (паѓањето на водата, движењето). Основното правило на мушичарењето до кое секој мушичар мора да се држи е кога ќе дојде на риболовната вода, прво да разгледа какви мушички летаат и паѓаат во вода. Таквите мушички, прво според силуетата, а потоа и според останатите карактеристики, ги користи мушичарот за риболов. Големината на мушичките треба да биде приближна на големината на природните мушички кои се имитираат.

Бојата на вештачките мушички треба да биде слична на природната, но можни се и отстапувања. Важно е силуетата на вештачката мушичка која ја користиме да биде иста како силуетата на природните мушички кои летаат над водата. Значи, ентомологијата е многу важна и основното познавање на оваа наука е еден вид буквар за мушичарот. На категоријата на мушичките кои се изработуваат како сува верзија на вештачки мушички припаѓаат возрасните единки од фамилиите:

Caddisflies (Кадиси - Сеџеви), Stoneflies (Камењарки), Water beetles (водени бубачки), Cicadas (цикади), копнени инсекти - Grasshoppers (скакулци) Ants (мравки), ларви и возрасни форми на одредени Diptera (двокрилци на разни комарци и инсекти) ларви, возрасни и умрени Mayflies (мајски мушички – еднодневки), Damselflies (вилински коњчиња), Wasp (оси), Bumble bee (бумбари и пчели). Најважна особина на сувите мушички е релативно долго да останат на површината на водата. Таа способност се постигнува со соодветна изработка на мушичките, посебно преку изборот на материјали (CDC пердуви - cul de canard или во слободен превод “задникот на патката“и слично.), како и со помош на едноставната употреба на специјални препарати за пловност.

За сувата мушичка да не тоне, таа се изработува од материјали кои ја одржуваат пловноста, повеќе пердуви кои создраваат поголема површина на мушичката, што резултира со нејзино лесно и долготрајно задржување на површината на водата. Риболовот со сува мушичка се смета за совршенство, предизвик и единствен вистински начин на мушичарење. Меѓутоа, има различни размислувања за тоа дали мушичарењето со суви мушички е најлесен или најтежок тип на мушичарење. Генерални поделби во оваа категорија нема, но сепак може да издвоиме две посебни групи:

- Суви мушички со крила: кај овие мушички крилата и пердувите се поставуваат на вратот на јадицата под прав агол во однос на телото. За полесно и подолго да пливаат, тие повремено треба да се третираат со разни силиконски препарати за пловност, а може да се користи и вазелин или растворен парафин во малку бензин.

- Суви мушички без крила: И кај овие мушички пердувите стојат под прав агол во однос на телото. Кај некои мушички пердувите се сместени понапред, а кај некои се распоредени по целото тело. И ние треба повремено да ги третираме со спомнатите препарати поради подобра пловност.

На крајот треба да наведеме дека риболовот со суви мушички се состои од способноста да се осети атмосферата на водата, како и на способноста на мушичарот да се снајде и прилагоди на одреден терен.

За успехот, покрај волјата и упорноста, потребно е и искуство.

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija