RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk
Вторник, 29 Ноември 2016 07:00

Морски будалаштини

Море, Море, Море....неограничен и неистражен рибарски свет кој чека да биде откриен. После некое време во кое се токмам за на морски спин дојде и тој викенд. Размена на информации со Сашо каде да се оди и од неколку можни места се одлучивме за Алики, пред се заради информацијата дека таму имало некој кој давал чамци и може да се изнајми....Хммм чамец + море + два дена....тоа беше интересна замисла и тргнавме со таа мисла.

Склопување екипа со љубители на морски предизвици Мишо, Тафта и Лале.
Временската прогноза малку не беше наклонета затоа што ветер над 20км на час на море и не е баш интересно за да се влага со чамец.

Стигнавме на местото и решивме првиот ден да фаќаме од обала, а следниот да го бараме тој со чамецот за да го изнајмиме. Расположение на ниво, склопување пушките, вадење варките и почнавме да фрламе. 10 минути од како почнавме првиот удар на површинец и првиот бранцин изваден.

Добро е си рековме, тука е, сега ги убивме....фрлај, фрлај, фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,фрлај, фрлај,.....ништо. Имаше и други луѓе, никој ништо. Почна некој ветер и полека почнавме да сваќаме дека ништо од првиот дел од денот

Решивме да тркнеме до Пињос на некој 70 км од Алики да видиме дали е добра реката за да пробаме поручек и на стемнување таму. Стигање на Пињос што да видиме, чоколадно млеко и реката и цело море на уливот.

Како покакани назат во кола и назат во Алики, џабе отепани 140 км. Изморени, издувани од ветерот се вративме во Алики

Решивме да го побараме типот со чамаците затоа што веќе мислите ни беа во утрешниот ден. Го најдовме, ни кажа дека неможе да ни изнајми чамец, но неговиот брат утредента ќе дошол и во 8 сабајле ќе тргнел со едно бротче, може за 10 евра од човек да не носи на риболов. Топ инфо. Задоволни од информацијата се вративме кај докот што фаќавме сабајлето да видиме дали има услови за риболов. Гледаме ветер корне, во морето овци се прават. Решивме ќе си поспиеме во кола. Таман заседнавме, Мишо едно време се издра....Леееееее абе видовте ли. Шо бе му викаме. Абе видовте ли колкаво рибиште рипна .....Му се изнасмеавме дека му се причинува од брановите. По една минута пак... Леееееее колкава е ....абе како не ја видовте пак скокна. Гледаме сите ништо само бранови. Абе ти се причинува му викаме.....и по една минута гледаме сите и ете ја ....скок на рибиште преку 30 кила сигурно ,...сабјарка ли беше, туна ли беше, ама големо беше и релативно блиску до докот. Како попарени сите изрипавме, извадивме опремата и трчанката на докот. Ваму беше, онаму беше, фрлај, мењај воблери и моли се да удри и да ти го земе цел конец :) Ветер кине ние фрламе како луди.

Никој друг на докот, сите си фатиле џенем, ние фрламе ли фрламе. Ништо, едно 2-3 сата фрлавме и полека си се прибравме, рибата повеќе не ја видовме.

Вечерта извадивме шаторите и заседнавме да замезиме.

Ветерот на раат не не осатаваше, летаат шатори, се кинат конци, врзувај, стегај, колчи....налет седењето. За многу скоро бевме во шатори и заспани со мисла за следниот ден и риболовот од брод.

Дојде утро.

До 8 часот имаше време да се пофрла некоја рака, но ништо не удри.

Се собравме и правец кај бродовите.

По некое време дојде Гркот, се утоваривме во бродот, дојдоа уште 4 грци риболовци и сите заедно во големо исчекување испловивме од пристаништето. Филинг невиден. Како на емисиине за туни ловење. Испловуваш кон отворено море на риболов :)

Го прашуваме гркот има ли риби таму кај што не носи...вика има...добро е...извадивме по некоја ракија, вино да наздравиме. По некој си 15 минути гркот го врза бродот за една од повеќето бови што стоеја во морето. Тука ќе фрламе вика. Одлично извадивме опремата, ја завземавме палубата и почнавме да џиткаме. Грците ги гледаме аматери со конците во рака, оловото и од рака фаќаат. Фрлај, фрлај, фрлај, фрлај, ништо. Позади нас грците видно расположени на пола минута некој се дере ОПОПОООПОООПОО и вадат некој рипчиња од по 50 грама. Што се дерат овие за вакви ричиња си викаме, ама нив им беше филм, добро си беа расположени, а ние ништо, никаков удар. Бре мењај варки, џигови...ништо. Едно време Мишо виде невиде попушти, монтира систем со две јадички и олово, батали спинот и почна да фрла како грците. Почна и на него да му удира, што по една, што по две риби, битно нешто работи. По него и Лале се фати за истиот систем и он почна да вади. Искачаа секакви и најчудни рипчиња.

Ја и Тафта останавме посветени на спинот и со надеж дека мора нешто да удри. Ама мора само да се умре, ништо друго не мора. Утепавме едно 2-3 сата, а ветерот стануваше се посилен и посилен, брановите поголеми, а клатењето на бродот се понеподносливо. Почнаа да се осеќаат првите знаци на лошење. Очигледно истото го чуствуваа и грците и едно време капетанот најави враќање затоа што веќе немаше услови за риболов и очигледно ќе почневме да повраќаме.

Така заврши патешествието со бродот, кое инаку да би било мирно море би било одлично искуство. Се вративме на докот и продолживме да фаќаме, кој на спин, кој на олово.

Освен малите морски ричиња не искочи ништо друго.

Си фативме патот за назат, а главите ни беа тапан од ветерот, што би рекол Мишо, се чуствувам како да сум возел до Грчка на мотор...без кацига

Така заврши уште една рибарска будалаштина....Бистро до некоја следна авантура

Понеделник, 28 Ноември 2016 07:00

Пецање за крај на СЕЗОНА 2016

Есен. Крај на Октомври месец, 22 до 25. Езеро Козјак. Со другарми Трајче пецаме за крај на сезона 2016. Првиот ден бираме локација и се улогоруваме. Местото е накрмено и стаповите зафрлени. Никојпат првиот ден не очекувам некаква активност на риба, но и вториот помина без активност. Дури третиот ден се јави рибата. Од 8 до 9 излезе еден крап и два клена од кои едниот околу 1,5kg а другиот околу 1kg. До крајот на ден излезе уште едно крапче и еден клен под кило. 5 риби. Одлично. Четвртиот ден излезе најубав. Од рано утро сонце и мирно, но активност покажаа само две крапчиња од 9 до 10.

По мене одличен резултат за крај на сезона. Барем така си мислев до вторник 29 октомври кога ми се јави другарми Саше. Незнам дали му беа потребни повеќе од 3 збора да ме кандиса за повторно одење на Козјак. За 5 минути се беше договорено. Одиме од петок до недела.

Петок рано сабајле едвај ја утоваривме и мојата опрема во колата на Саше. Правац Козјак, кај Сасој со кого прдходните денови договоривме да пецаме заедно кај него карши рибникот.

Сасој не пречека со кафе и ракиче. Муабет додека го испивме кафето и веднаш со сонарот во чамец. За разлика од август, кога на таа локација пецав на трипати, водата сега е многу пониска. Одиме прво да одбереме локација и да накрмиме.

Разочарување. Местото за ова ниво на водата е премногу плитко. Овдека нема риболов. Што сега да работиме. Пријателот со чамец од Близанско е во Скопје и доаѓа дури попладне. А и Сасој поради обврски на рибникот неможе да не дружи. Каде да одиме и што да работиме? Со тоа прашање се поздравивме со Сасој и полека појдовме кон Близанско.

Погледни овде, погледни онде и застанавме на место каде околу средина на отомври пецав. Местото ветуваше и решивме да останеме тука.

Теренот ми е познат и не ни трба сондирање. Во 13:00 се беше готово. Наместен логор, накрмено и зафрлено. Покрај брег на некои 5-6 метри рипа риба. Бојник. Веќе две години носам исклучиво крапска опрема и малце се покајав што не го носам телескопот со мене. Онака да утепам време.

При крај е и вторит ден а удар на крап нема. Предходниот ден имавме барем титкање на ситна риба на хранилиште а сега ни тоа го нема цел ден. Моралот ни се крена со стемнување. Почна да рипа крупен крап. Плауууу од лево. Плаууу од десно. Пред нас на сред езеро. На хранилиште. Но денот заврши без музика од сигнализаторите.

Го испивме и второто утринско кафе и полека ја пакуваме опремата која треба некои 200 метри узбрдо да ја изнесеме на пат, кај колата. Одеднаш без било каква најава пишти сигнализатор. Контра и имам риба. Ова е мој прв крап во Ноември. Полека со мерак го влечам кон брегот и по кусо време заврши во кепчето.

Околу пладне веќе се што ни беше непотребо беше пренесено и утоварено во колата. Седиме и одмараме уз бла бла бла муабет и повторно ран. Додека станав и стигнав до полпат до стапот, а бев на некои 2m од нив, се стивна. Свингерот си стои во горна положба како ништо да не се случило. Што да работам. Да контрирам или не. Ранот беше голем за ситна риба, а пак да не се закачи??? Сепак одлучив да оставам и ништо да не чепкам. И бев во право. За 10-15 минути повторно ран на истиот стап. Контра и тука е. Набргу и второто крапче оп у кепче. Толку за 2016.

Осврт на сезона 2016

Годината ја започнав со купување на нов сет на параболици, Barklay B2 XLR 13"/3.6lb.

Парите планирани за нови машинки Shimano XTA LC завршија во буџетот за свадба на поголемиот син.

Заминав во пензија, а од отпремнината, благодарение на Аки Рибар успејав да си купам нов шатор Daiwa Infinity Ground Hugger.

Се преселив во нов стан, додуша привремено додека не се изгради мојот.

До крајот на Јуни успеав да заминам само дваипол пати на риболов (ова пола беше крадење време додека носев покани за свадба кај братучедми во Криволак). Но затоа од Август наваму ме заборавија дома. Се риболови од 4-5 ноќи. Ретко 3. Ме заборавија дома.

И да. Го пуштив во употреба новото бродче хранилка. АРКА – Т5.

На крај сакам да ги поздравам и им се заблагодарам за дружба на сите што оваа година пецаа со мене: Сашо (Раец), Трајче, Сашо (Сасој), Мики, Сашо (Паланка), Љупче, Панде (Зденко), Јоцо (Фиксна), Бојан, Стамбол (Горан), Зелен, Цана . . . (се извинувам ако некого сум го изоставил, не е намерно и плаќам пенали).

Недела, 27 Ноември 2016 07:00

Госпоѓица "Зубла"

На покана на Мистер $ Даре и братот на нашиот ценет колега kompir99 се придружив на идејата да се појде на река Агитис во потрага по госпоѓица Зубла, барем Даре и јас, затоа што Кире си лови мајсторски бела риба на тапа, нели, за вкусовите не се расправа. :) Мојот скромен арсенал кој ќе биде употребен за риболовот.

Тргнување во раните утрински часови, вообичаени разговори врзани околу риболовот и слично во кола, упатени кон очекуваната дестинација и...некаде накај Дојран, возејќи, Даре, удри еден зајак во мракот. Застанавме, излеговме, се обидовме да го најдеме Зајко покрај патот, но ни трага од него. За малку ќе се префрлевме во ловџии. :D
Ништо, продолжуваме понатаму. По некој час пристигнуваме на реката, на разденување. Уште малку возење покрај река за да се стационираме, Кире веќе си одбра место за "пеглање" на попадика, а јас со Даре тргнавме да бараме места по река каде може да зафрламе и да си ја пробаме среќата.

Даре меѓу вкусните плодови на природата. :)

Самата природа, самата река прави да се чувствуваш убаво, има некој мир во таа вода што истекува и не се враќа назад.

Првиот удар, го добив на воблер од рачна изработка на колегата Кирца и тоа под нозе удри штуката, од памет се извадив. Добро е, имаше акција. Се има случувано и тоа најчесто, воопшто и да нема никаков удар, никаква активност цел ден, барем мене ми се има случено. Продолживме понатаму по реката. На едно место, еден вир, почна да работи рибата. Имавме удари, повеќе нереализирани, отколку реализирани, откачувања, на што и да пробавме, имавме удари. На кашика, воблер, силиконец, главињара, речиси на се што ставивме како мамец имавме удари.

Даре се спушти по реката, а јас си останав на вирот, убаво ми беше да вежбам зафрлање, едноставно си уживав во природата. И одеднаш, бам! Страшен удар на метар и пол од мене! Почна веднаш да влече надоле и тоа силно. Трската свиткана, машинката почна да си зуе, се вртам и гледам кепчето на брег, далеку од дофат на раката. Малер. Не можам да се качам горе по кепот, а да не ја изгубам рибата. Можеби 5, можеби 10 минути, а можеби и помалку викав по Даре. Да биде поинтересно, тој беше надоле по реката, на еден брзак со риба на трска исто така. Ме слушнал, но не можеше да дојде веднаш. Ја изгубил рибата, му се откачила и ете го, гледам како доаѓа пцуејќи од доле. "И јас имав риба на трска, ми се откачи, ММЕ! , што има кај тебе?" Што да му кажам, се се гледа, трската свиткана и рибата вози лево -десно по реката. Полека почнав да ја кревам горе, мало подесување на кочницата, Даре спремен со кепот и ете ја, влезе во него! 82 см долга! Огромна! (бар за мене) :)

Црнецот го испративме во памучните полиња

а ние до крајот на денот имавме уште некое откачување/реализација. Резултатот, Даре 3, јас 2 риби, од кои едната беше таа госпоѓица Зубла што би рекол Даре. Кире имаше убава попадика и тоа беше тоа за еднодневниот излет што ни остави убави спомени.Мала фотосесија на крај и Даре при обид да се слика со повеќе риби одеднаш, настрада малку, така да, внимавајте како си играте со госпоѓица Зубла. :)

До следната репортажа, бистро на сите! ;)
(специјално за Даре& :) )

Петок, 25 Ноември 2016 12:51

Мушичарска репортажа 4 (C&R)

Во саботата после пост од 2 викенда за мене, отидовме на Радика со Емил. Викендов кој измина е претпоследниот викенд кога е дозволен риболов на Радика, останува уште 24-25.09 за риболов и после тоа е забрана.
Отидовме со идеја дека почнала да качува покрупна пастрмка од Дебарско по Радика. Не дочека поголема вода, за разлика од последните 2-3 одења таму, барем 20-25 см повисоко ниво на реката. Беше доста потешка за газење, посебно за прегазување на места каде што тоа било лесно.
Решивме повторно да го поминеме делот Бошков мост - Скудриње претпладнето. Имавме доста улов бројчано, извадивме барем по 20-тина пастрмки со Емил, меѓутоа само по неколку извадени беа во мера, другите беа помали, од 15, 20, 25 см.
Попладнето после ручек отидовме над Жировница и таму извадивме по неколку парчиња, за на крај да завршиме на сува мушица кај Бошков мост, каде што извадиме по неколку риби. Имавме неколку откачувања на убави риби, кои не бевме во можност да ги извадиме, не дека беа преголеми, туку ловевме со помали нимфи, па кога некоја поголема ќе удреше (поголема значи од пола кило нагоре) влегуваше лесно во брзак, а бидејќи водата беше зголемена, полесно се откачуваа при борбата/вадењето. Како и да е, дента ловевме по принципот C&R и све вративме назад.

Бистро до следниот риболов, еве неколку фотографии по хронологија :)

Од 20-24.09.2016 во Франција ќе се одржи светското крапско првенство. Македонија учествува на ова првенство со 3 тимови (дуа) плус резервна екипа.

Да им посакаме бистро и многу успех, достојно да ја претстават Република Македонија.

Информации за текот на првенството кое трае 72 часа ќе бидат објавувани постојано на форумот на РИБАР.

 

Понеделник, 19 Септември 2016 15:39

Кленот е активен на Мавровско езеро

Деновиве на форумот на РИБАР добивме информации од наши членови дека кленот на Мавровско езеро е активен на спин техника, со користење на цикади и воблери.

Повеќе информации на форумот :)

 

Понеделник, 19 Септември 2016 13:03

Повторно уловена пирана во Дојранско езеро

Во петокот, во близина на с.Николиќ на Дојранско езеро, повторно е уловена пирана во мрежа од страна на стопанските риболовци. Фотографијата е направена од татко на член на форумот на РИБАР и е автентична.

 

Изминатиот викенд во Пловдив, Бугарија, се одржа светското првенство во риболов во дисциплина “пливка“. Македонската репрезентација зема учество на ова првенство и го освои 16-тото место во вкупна конкуренција, што е најдобар успех на Македонската репрезентација досега на светските првенства во дисциплина “пливка“. Честитики за момците кои ја претставија Македонија.

 

Вторник, 06 Септември 2016 09:33

Едукација на млади кадри - одсек штука

Моментот кога син ми дозна дека на одмор ке одиме во Ставрос , почна со пакување на риболовната опрема . Уште не тргнати почнаа прашањата " кога ке одиме на Агитис "
" колку пати ке одиме " :D :D :D ... Јасно даде до знаење дека планира дел од времето да го помине и во риболов . Иако немам обичај да носам опрема на одмор , овој пат бев приморан

Не го дочека вториот ден , веке почна да прашува кога ке одиме ... и се знае , пали колата и правац Агитис .
Водата беше одлична , не многу голема . Некои места се изгубија но се отворија некои нови квалитетни места за штука .
Спинерите и кашиките почнаа да летаат и се појавија првите удари . Неколку изгубени но и уловени штуки . Задоволството на високо ниво :D

Како синот е задоволен , мора и татко му да биде задоволен.

Тука заврши нашата попладневна прошетка по Агитис , но не држеше многу :hit_head:
по неколку дена почнаа повторно прашањата кога пак ке одиме :lol: :lol: :lol:
Што се мора не е тешко , ме радуваше фактот дека се повече е заинтересиран за риболовот .

Вторта кампања ја направивме исто попладне од 17:00 до 19:00 часот ... водата беше уште падната и активноста на штуката беше доста намалена .
Но среќата ги прати храбрите :)

Задоволството повторно беше големо , преубава природа и убава вода богата со риба .
Не испрати убаво зајдисонце за разубавување на целата кампања :D

Поздрав и Бистро до следниот риболов

Вторник, 06 Септември 2016 09:29

Малите пастрмски реки на Македонија

Летово со Емил имавме прилика да посетиме повеќе мали рекички низ Македонија на кои може да се мушичари пастрмка.
Најчесто се ловат мали пастрмчиња, а знае да изненаде и некоја “голема“ за таква рекичка, од 300-400 грама

А вакви се неочекуваните

На една од тие рекички прв пат видовме и се запознавме со “рибата“ која се вика змијорка. Риба/змија/паразит во едно :)

На една од тие рекички успеав прв пат да уловам две риби истовремено :)

А една од поубавите работи која го следи риболовот во дивина е...

И уште неколку фотки од рекичките

Бистро :)

п.с. од рекичките не е земена ниту една риба до сега од мене и Емил

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo  spin fly     Untitled    pastrmka  bistroinspekcija