Суви мушици

Суви мушици

Сувата мушичка претставува поим под кој се мисли на сите мушички со кои се лови на површината на водата или над водениот филм. Мушичката на водата мора да се однесува природно (паѓањето на водата, движењето). Основното правило на мушичарењето до кое секој мушичар мора да се држи е кога ќе дојде на риболовната вода, прво да разгледа какви мушички летаат и паѓаат во вода. Таквите мушички, прво според силуетата, а потоа и според останатите карактеристики, ги користи мушичарот за риболов. Големината на мушичките треба да биде приближна на големината на природните мушички кои се имитираат.

Бојата на вештачките мушички треба да биде слична на природната, но можни се и отстапувања. Важно е силуетата на вештачката мушичка која ја користиме да биде иста како силуетата на природните мушички кои летаат над водата. Значи, ентомологијата е многу важна и основното познавање на оваа наука е еден вид буквар за мушичарот. На категоријата на мушичките кои се изработуваат како сува верзија на вештачки мушички припаѓаат возрасните единки од фамилиите:

Caddisflies (Кадиси - Сеџеви), Stoneflies (Камењарки), Water beetles (водени бубачки), Cicadas (цикади), копнени инсекти - Grasshoppers (скакулци) Ants (мравки), ларви и возрасни форми на одредени Diptera (двокрилци на разни комарци и инсекти) ларви, возрасни и умрени Mayflies (мајски мушички – еднодневки), Damselflies (вилински коњчиња), Wasp (оси), Bumble bee (бумбари и пчели). Најважна особина на сувите мушички е релативно долго да останат на површината на водата. Таа способност се постигнува со соодветна изработка на мушичките, посебно преку изборот на материјали (CDC пердуви - cul de canard или во слободен превод “задникот на патката“и слично.), како и со помош на едноставната употреба на специјални препарати за пловност.

За сувата мушичка да не тоне, таа се изработува од материјали кои ја одржуваат пловноста, повеќе пердуви кои создраваат поголема површина на мушичката, што резултира со нејзино лесно и долготрајно задржување на површината на водата. Риболовот со сува мушичка се смета за совршенство, предизвик и единствен вистински начин на мушичарење. Меѓутоа, има различни размислувања за тоа дали мушичарењето со суви мушички е најлесен или најтежок тип на мушичарење. Генерални поделби во оваа категорија нема, но сепак може да издвоиме две посебни групи:

- Суви мушички со крила: кај овие мушички крилата и пердувите се поставуваат на вратот на јадицата под прав агол во однос на телото. За полесно и подолго да пливаат, тие повремено треба да се третираат со разни силиконски препарати за пловност, а може да се користи и вазелин или растворен парафин во малку бензин.

- Суви мушички без крила: И кај овие мушички пердувите стојат под прав агол во однос на телото. Кај некои мушички пердувите се сместени понапред, а кај некои се распоредени по целото тело. И ние треба повремено да ги третираме со спомнатите препарати поради подобра пловност.

На крајот треба да наведеме дека риболовот со суви мушички се состои од способноста да се осети атмосферата на водата, како и на способноста на мушичарот да се снајде и прилагоди на одреден терен.

За успехот, покрај волјата и упорноста, потребно е и искуство.

Прегледано 6470 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija