Хранилиште за крап

Хранилиште за крап

Како и за многу видови риби, така и за крапот прихранувањето е особено битно за привлекување на рибата и задржување на место на кое ние и ја пласираме нашата мамка.

Многумина риболовци кога одат да фаќаат на некое место најчесто ќе земат шеќерац, пченка, пченица, ќе испофрлаат некоја рака и почнуваат да ловат, влечејќи искуство од ловење на други риби, како што се попадиката, карашот, бојникот, мрената и сл.кои со такво инстант крмење доста често знаат да дадат резултат. Сепак кога зборуваме за ловење на крап, поискусните крапџии ќе Ви потврдат дека за да имате некаков резултат, или подобар резултат, ќе треба добро да го спремите теренот на кој ќе риболовите.

Чекор – Одбирање на терен и место каде ќе фрлате прихрана

Одбирањето на место каде точно ќе риболовите е доста битно и во многу случаи може да биде пресудно. Не е само да се спреми добра прихрана, добри бојли, мамки, атрактори и сл. треба да се внимава каде ќе се пласира целата таа храна. Најдобро е ако го знаете теренот, хранилиштето да го правите онаму каде што има релативно почист терен (да не фрлате храна во шума под вода). Ако има некои грмушки, треви или друг заклон за рибите во близина на чистото место каде ќе пласирате храна, тоа е одлично место. Второ - хранилиштето да го правите на место кое нема големи длабочини. Крапот е риба која многу ретко се лови на 15, 20 или повеќе метри. Значи потребно е да се бара место кое е 3 – 10 метри и тука да се прави хранилиштето. Кога зборуваме за одбирање на место, длабочина и терен, кај поискусните крапџии позната е постапката Сондирање на теренот и подготвување на мапи на истиот, но сепак за тоа во друга прилика. Трето, но не помалку важно, да пробате да пласирате храна онаму каде што сметате дека крапот се движи. Ова е доста тешко, но ако сте почесто на вода, ако имате добро информации, ако сте гледале активност на крапот, може лесно да претпоставите и одберете место.

Временски подготвување на хранилиштето

Како што претходно истакнавме, за ловење на крап не е добро да фрлите некоја рака шеќерац и да се надевате на улов на крап. Вака инцидентни удари може да сте имале, но сепак тоа е само инцидент. За да се каже дека спремате хранилиште, сепак треба да го спремате некое време пред да ловите. Ако одите на неколку дена риболов, почнете да крмите од почеток и надевајте се дека можеби вториот, или третиот ден ќе имате по некој удар. Ако одите на подолго фаќање тогаш имате поголема можност за спремање на хранилиштето. Сепак се чини најдобро е постепено, на повеќе наврати, со недели/месеци наназад на своето место да пласирате одредена количина на храна, со цел крапот да го научи тоа место и што почесто да го посетува во своите секојдневни рути на барање на храна. Вакво хранилиште особено ќе Ви ги зголеми шансите за добар улов кога ќе дојдете да риболовоте.

Форма на хранилиштето

Некои луѓе храната ја исфрлаат како ќе им текне, некио храната ја пласираат на куп, некои прават форма на хранилиштето, некои прават две хранилишта, некои две линии, некои прават мало хранилиште, некои прават голем тепих под вода. Секое од овие варијанти си има своја идеја, замисла и цел. Основната идеја е на тоа место да се вртат риби, да има постојана активност, крапот да е заинтересиран да види што се случува тука и секако да се научи дека тука има храна. Доколку се прават две оделни хранилишта на релативно мал потег, тоа е најчесто поради идеата да се пласираат две различни ароми, или две различни мамки. Кога се прави голем тепих под вода, тоа најчесто е на големи и чисти терени, каде што риболовецот планира да покрие што поголем потег од водата за рибите што полесно и во што поголем број да легнат на големото хранилиште. Некои прават хранилиште во форма на буквата V со идеа добро да ги распоредат трските, во подлабоко и поплитко и да се примами крапот од подлабокото (краците) кон јадрото поплиткото.

Бистро

Прегледано 2670 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo  spin fly     Untitled    pastrmka  bistroinspekcija