Зошто сум рибар?

"Човекот е дел од природата и со неа е поврзан во нераскинливи релации. Во секој човек, во дното на неговото срце лежи страста на праисконскиот ловец,
кој во таа далечна доба се хранел само со она што самиот ќе го уловел"

За да го издржи темпото на модерното и современо време, човекот мора да се сврти кон природата. На тој начин ќе ја зачува и на тој начин и самиот ќе опстане.

Во високоиндустриските земји во светот, милиони луѓе се бават со спортски риболов. И во нашата земја бројот на рибари, постојано се зголемува. Се поставува прашањето, што е тоа што ги тера тие милиони луѓе да одат по брда и долини, по реки и кањони, по кал и муљ, да киснат на дожд, да седат на најјакото сонце или да смрзнуваат во најладните зими, во најсилните бури и најголемите ветришта.

Некои се прашуваат, “Па зар не е поефтино и многу полесно да се купи еден или два  килограми риба на пазар, од колку истата да се лови ?“ На овие луѓе никако не може да им се објасни како паметен и образован човек, или обичен фабрички работник, може да губи толку време, да троши пари и енергија за кило-две риба, која во доста случаи и не ја ни фаќа.

Се поставува прашањето зошто рибарењето е толку привлечно за човекот во современиот свет ?

Интересот за спортскиот риболов е последица на се поголемата индустрализација, се побрзото темпо на живот на човекот и се поголемата механизација на трудот. Овие причини доведоа до толку голема заинтересираост и развиток на овој спорт во светот, па и во Македонија. Досега се покажало дека било која земја, доколку е индустриски поразвиена, толку интересот за риболовот ќе биде поголем.

Човекот е дел од природата и со неа е поврзан во нераскинливи релации. Во секој човек, во дното на неговото срце лежи страста на праисконскиот ловец, кој во таа далечна доба се хранел само со она што самиот ќе го уловел.

Преку ловењето, човект постанал сточар, а подоцна и земјоделец. Потребно било да поминат многу векови, човекот да почне да се симнува од селото во градот, по фабриките, во погоните. Предходниот начин на живот на човекот му наложувал тој што почесто да се движи во природата. Во тие времиња, човекот се бавел со риболов, само за да дојде до што повеќе рибарско месо.

Денеска, од сетоа тоа не останало многу. Денеска, секој од нас останува денови и  денови на своето работно место, во еден ограничен простор и најчесто функцинира по одредени строги правила. Со постојано исти движења, без доволно движење на воздух и на сонце, без доволен допир со природата и без сето она што на нашиот организам му е природно потребно.

Малку по малку се почесто започна да се зборува од потребата за противтежа на нашиот организам – почна да се зборува за рекреација. За спортот почна да се зборува не како натпревар, туку како потреба на современиот човек, кој живее во некои нови услови за живеење. Почна да станува збор и за “хоби“ како израз на одреден интерес на човекот, кој тој најчесто го практикува надвор од своето работно време, надвор од своите секојдневни работни обврски, надвор од фирмите и фабриките. Но хобито може да биде и гледање на филмови, читањето на книги, слушањето на музика и во тие случаи можеме да говориме за психичка рекреација. Сепак, доколку сакаме да зборуваме за психичка и за физичка рекреација, тогаш нужно ни е потребен поголем допир со природата, поголемо движење во природа, играње во природа и движење покрај реките и езерата.

Лужето се бават со рекреација на разни начини. Некои планинарат, некои прават излети, скијаат, собираат печурки, одгледуваат пчели. Една од тие хоби-рекреација е и риболовот.Ние спортските риболовци сметаме дека сме го избрале она најдоброто, најинтересното. За тоа не смее да ни се замери, затоа што всушност и секој друг истото го вели за своето хоби. Сепак, ние рибарите имаме и одредени прични како поткрепа на нашите тврдења. Имено:

  1. Спортскиот риболов постојано е поврзан со прекрасни предели, реки и езера и во голема мерка е поврзан и со туризмот и движењто во природа.
  2. Со риболов може да се бават сите луѓе, како мажите, така и жените, од деца па се до најстарите. Тоа е така, затоа што при риболовот степенот на физички или психички напор зависи од самата личност, тој може да биде поголем, а може да биде и помал. Тое не е така во некои други хоби-интереси.
  3. Денеска, модерниот човек тешко е целосно да се опушти доколку ништо не прави, бидејќи тој по навика и кога се одмара мора нешто да работи.

Чим рибарот почне со подготовки за утрешниот риболов, тој веќе има многу работа. Тој го припрема својот прибор и мамци и како дете во игра не мисли на ништо друго, освен на утрешниот риболов. Во тие моменти за него не постојат никакви грижи и проблеми, сите тие во тој момент се заборавени. На тој начн рибарот е психички растеретен.

 

Кога ќе отиде да рибари, рибарот е во постојана активност која му создава извонредни рекреативни можности. Тој воопшто не е пасивен набљудувач на својата тапа во водата, сосема напротив, за да би фатил риба, тој постојано нешто прави, менува мамци, менува опрема, оди на друга позиција, се движи по свеж воздух, се сонча, може да весла, се бања во водата итн. Рекреативните можности и погодности за организмот во такви ситуации се сосема јасни.

Многу луѓе кои на друг начин ги гледаат риболовците, како денгубџии кои со сатти седат држејќи ја трската, воопшто немаат претстава колку риболовците од нивното искуство имат научено за природата, водата, рибите и околината. Сите, па и најмладите рибари, со текот на времето, со текот на зголемувањето на нивното искуство, дали од свои примери, или од искуства на другите рибнари се стекнува со многу знаења за врстите на риби, начинот на нивно хранење, размножување, живеење, за нивниот развој и навики, за водата и нејзините жители, за временските прилики кои влијаат на риболовот, за движењето и преживувањето во природа, за готвењето во природа и уште многу други работи. Сите тие рибари, научуваат нешто повеќе од географијата, биологијата, метрологијата и сл.

Меѓутоа, исто така докажано е дека во добар дел случаи, токму рибарите се тие кои ја јадат најскапата риба. Рибарски прибор, трошоци за превоз, ноќевање, дневни, месечни и годишни дозволи и сл. се се тоа трошоци на спортските риболовци. Сето тоа помага за развој или можност за развој на многу места кои се атрактивни за спортските риболовци. Дел од нашите водни резервати веќе се познати по овој тип на туризам, но сепак, остануваат уште многу други повеќе или помалку познати, а сепак прекрасни места за рибарење, престој во природа и секако развој на туризмот. Колку побрзо се свати и прифати ваквата реалност, толку побрзо ќе се развива ваквиот тип на туризам во Македонија и од тоа корист ќе имаат многу луѓе. Меѓутоа, во оваа насока мора да се спомне и нашиот однос кон природата и нашите риболовни води. Кога велиме нашиот, мислиме како на односот на рибарите, така и на односот на сите останати поединци и групи.

Денеска водите и природата имаат многу непријатели. Фабриките и индустриските капацитети се едни од нив. Доста често по медимуите ќе разбереме за некој голем помор на риби, кои секако најмногу не погодува нас рибарите. Во оваа насока поединечната борба, како и колективното дејствување преку риболовните друштва за воспоставување на силни стандарди во работењето на ваквите индустриски капацитети, мора да продолжи и дополнително да се интензивира. Грешките во нивното работење најчесто ги плаќа природата и водите, а се гледаат по многи тони угината риба, која доколку не била убиена би се размножила и би била вистинско богатство во водата. Таквите случаи ги плаќаме и ние рибарите, затоа што рибарскиот интерес постојано се зголемува и рибари има се повеќе, но риба има се помалку. Затоа треба да се грижиме за природата, превентивно да дејствуваме, да пријавуваме доколку сметаме дека некои фабрики и капацитети можат да направат големи штети по нашите води.

Од друга страна, сите сме свесни дека и поединците и групите кои престојуваат во природа, доста често прават штета оставајќи зад себе доста ѓубре од најразличен вид, многу често и материјали кои не скапуваат и ја загадуваат природата и водите. Токму затоа мора да се бориме и за подигнување на јавната свест за екологијата и моралните принципи кои важат за секого кој престојува во природата, да ја остави во иста положба како кога дошол и диховно се напојувал од нејзината убавина.

На крајот, можеби и она кое најмногу не вознемирува и ствара револт кај нас спортските риболовци. Тоа е таканаречениот “криволов“. Мрежите, динамитот, електричните шокови, сертмињата, мрежичките, рибарењето во време на мрест на рибата, ловењето на риби чија популација е загрозена и која е забранета да се лови, тоа се најчесто оние штетни дејстувања кои “ги вадат од кожа“ рибарите. Токму поради ваквите случаи во минатото, рибниот фонд во Република Македонија е драстично намален.

Токму поради сите претходно спомнати непријатели на водите, природата и рибниот фонд,  www.ribar.com.mk ќе биде еден од најсилните борци против сите нив, затоа што токму квалитетот и бројноста на местата за рибарење и бројот на риби во нив, го прави нашето хоби-рибарењето актуелно, атрактивно и посакувано. Сето спротивно, ни штети на сите нас, ја уништува природата и сите места на кои ние рибарите “ги полниме батериите“ и наоѓаме духовен мир и задоволство.

 

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija