Поточна пастрмка

Поточна пастрмка

За поточната пастрмка се вели дека е кралица на дивите води. Се одликува со убаво, мускулесто и пропорционално тело и се вбројува помеѓу подобрите риби-пливачи. Има голема и јака глава со тапа муцка и голема уста со остри заби. Многубројните заби, всадени во челусната коска се усмерени кон внатрешноста на нејзината уста. Перките и се поприлично широки, заоблени и јаки. Целото тело и е прекриено со ситни, тенки и округли крлушки.

Бојата на телото на пастрмката зависи од местото на нејзиното живеење. Најчесто, грбот на пастрмката е темнозелен, темнокафеав, или темносив, а понекогаш и целосно сив. Лесно се распознава по црвените или црните точки кои завршуваат со светли рабови. по нејзиното тело. Во периодот на мрест, боите на пастрмката стануваат посилни и поубави. Токму по бојата која се оформува после втората година, можат да се разликуваат и младите од постарите пастрмки. Понекогаш се случува пастрмките во горниот тек на реката да се разликуваат од оние во долниот тек на реката. Во зависност од местото на живеење, дали се тоа брзи и плитки места, или подлабоки води, нејзиниото тело ја менува бојата од светла боја, се до црна боја, доколку живее во темни места и пештери.

Вкусот и квалитетот на нејзиното месо се смета за еден од најдобрите и најценетите.

Место на живеење, навики, начин на хранење и распространетост:

Пастрмката живее и се размножува во исклучиво ладни, брзи, чисти и протечни води. Позната е како жител на планинските рекички бистри потоци со песочно дно кои се богати со кислород. Најчесто се движи во горните делови на реките. Посебно ги сака скриените делови на водотеците, , места кои се во близина на трева, како и обала со дупки. Најчесто се крие под камењата, корењата на дрвата и во шупливата обала. Оваа грабливка уште од најмлада возраст се храни со сите врсти на безрбетници, ларви, инсекти, ракчиња и полжавчиња. Како старее, така разните врсти на риби, вклучувајќи ги и малите пастрмчиња, преставуваат нејзина основна храна. Пастрмката исто така ги сака црвите и скакулците, а неретко можете да сретнете и рибари кои ја уловиле и на леб.

Размножување:

Пастрмката се мрести во зависност од климатските услови ( во зависност од температурата на водата и одалеченоста од мрестилиштето) од Октомври до крајот на Фебруари. Во тој период бара плитки места со песокливо дно во брзаците. Со главата и опашот женката копа дупка од околу 20 сантиметри во која положува од 500 до 3000 јајца, кои мажјакот одма ги оплодува. Јајцата имаат помаранџеста боја и се големи околу 5 милиметри. После оплодувањето, гнездото со икри пастрмката го покрива со слој од песок за да ги заштити од бројните непријатели. За околу два месеци од икрата ќе се изведат младите кои во првите месеци од својот живот се движат во близина на мрестилиштето. Најпрво се хранат со планктони, а покасно со одредени инсекти, жаби и риби. Женката постанува потполно зрела од 2-3 година од својот живот.

Животен век, големина на раст и тежина:

Просечниот животен век на пастрмката е измеѓу 5-10 години. За тоа време може да нарасне во просек од 30 до 60 сантиметри и тежина од 300 грама до 10 килограми. Најчесто нејзината големина musicaзависи од богатството на храна во нејзиното живеалиште. Во планинските потоци на пример каде што нема доволно храна пастрмката може да нарасне најмногу до 2 кг. Многу ретко можат да се сретнат и поголеми примероци, кои доколку ги закачиме на јадица остават многу силен впечаток кој се памти цел живот.

Мамци и прибор за лов:

Ловот на пастрмката е исклучително интересен и од риболовецот бара максимални напори, досетливост и искуство. Се лови со вештачки мушици и лесна трска. Кога ќе се закачи на јадица, пастрмката вешто се бори, моќно плива во спротивен правец на водните струи, скока над вода и пробува да отиде во гранки или друго место за криење. При нејзното извлекување надвор од водата треба да бидете посебно претпазливи. Ако не е голема, треба брзо и без мачење да ја извадите на суво. За мушичарење најдобро време е од месец Април до Јули и од крајот на Август до Октомври. Најдобри резултати се јавуваат при облачно време и после слаб летен дожд.

Прегледано 2285 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo  spin fly     Untitled    pastrmka  bistroinspekcija