Испечатете ја страната
Брегалница

Брегалница

Брегалница по должина е најголема притока на Вардар. Извира под врвот Ченгино Кале на Малешевските Планини на надморска височина од 1.720 м, а во Вардар се влива меѓу селата Ногаевци и Уљанци, на надморска височина од 137 м. Средниот проток при утоката изнесува 28 м3/с (максимални протоци 640 м3/с, а при минимални коритото е суво). Има вкупна должина од 225 км, сливна површина од 4.307 км2 и релативен среден пад од 7‰. По спуштањето од Малешевските Планини каде Брегалница има мошне развиена изворишна челенка, таа најпрво тече низ Беровската Котлина во која има широк тек, доста е мирна но и акумулира значаен флувијален материјал. Кај с. Будинарци широчината на долината достигнува 500-600 м, а од с. Разловци веќе влегува во клисурестиот дел на Разловската Клисура долга 19,1 км. Во клисурата се јавуваат одредени ерозивни проширувања како она кај с. Митрашинци. По Разловската Клисура Брегалница тече низ Делчевско Поле во кое наталожува значајна количина на чакал и песок со што на одредени потези текот се разбива во неколку ракави. Во Пијанец и Малеш е горниот тек на р. Брегалница. Таа тука тече од југ кон север и има меридијански правец на протегање. Од вливот на Очипалска Река па до с. Истибања односно до влезот во Кочанската Котлина и понатаму до вливот во Вардар, Брегалница тече од исток кон запад и има напореднички правец. За ваквото нејзино свртување Б. Милоевиќ ќе напише: “Во текот на палеоген во долината на денешна Брегалница постоеле две удолини, горна, меридијанска и долна, напоредничка” (Милоевиќ, 1941). Подоцна, долната напоредничка долина со регресивна ерозија се соединила со горната меридијанска долина со што почнала да егзистира денешната долина на Брегалница. Тогаш всушност настанало поврзување на отоката на Кочанското Езеро со отоката на Пијанечкото Езеро.

Низ Истибањската Клисура, Брегалница тече во должина од 39 км. Во неа денеска е формирано езерото Калиманци од кое се наводнуваат околу 28.000 ха земјоделски површини во Кочанско и Овче Поле.

Во Кочанската Котлина Брегалница навлегува кај с. Истибања и низ неа тече речиси по средината и ја напушта кај с. Крупиште каде на запад од него изградила кратка сатеска. Низ котлинското дно Брегалница има рамнински карактер со просечен пад од само 1,8‰. Затрупувано со наносите на притоките и пороите коритото е плитко и непостојано поради што често доаѓа до изливање на водата.

Од Штипската Сатеска до вливот во Вардар, Брегалница тече низ млади палеогени и неогени седименти и коритото има меандриски облик. Тоа е пределот Слан Дол.

Во својот тек Брегалница прима 23 притоки подолги од 10 км. Од десната страна дотечуваат 10 притоки со вкупна должина од 241 км, а од левата страна 13 притоки со вкупна должина од 260 км. Долините на сите притоки, за разлика од долината на Брегалница која е полигенетска, се моногенетски. Тие се развиле како притоки на одделни езерски басени, а со истекување на езерото нивните води го продолжуваат својот тек и стануваат притоки на Брегалница. Во планинските предели долините им се длабоки и имаат облик на латинската буква В (В). Со усечувањето во некогашните езерски басени, долините им се проширувале, а долинските страни се намалувале. Денеска главно иамаат симетрични долински страни.

Десни притоки на Брегалница:

Пехчевска Река, Желевица, Габровска Река, Очипалска Река, Луковичка Река, Каменица, Оризарска Река или Масалница, Кочанска Река, Злетовска Река, Светиниколска Река

Леви притоки на Брегалница:

Ратевска Река, Каменица, Будинарска Река, Бигланска Река, Заровец, Осојница, Градешка Река, Зрновска Река, Река Плачковица, Козјак, Сува Река, Отиње, Крива Лакавица

Вештачки езера

Езеро Калиманци, Ратевско Езеро, Езеро Градче, Езеро Мавровица

Најмали дозволени риболовни мерки за видовите значајни од аспект на рекреативен риболов:

Пастрмка 35 см

Бела мрена 35 см

Црна мрена 15 см

Клен 30 см

Скобуст 25 см

Крап 40 см

Попадика 20 см

Сом 70 см

Рибата се мери од врвот на муцунката до крајот на опашната перка, кога перката е нормално отворена.

Сите уловени риби под определената големина, треба внимателно да се откачат од јадицата и неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.

За останатите видови риби кои се помалку значајни од аспект на рекреативен риболов или се во групата на непожелни видови риби не се предвидува заштитна мерка “најмала дозволена риболовна мерка”, што значи дека може да се ловат без ограничување на големината.

Покрај забраната за риболов за време на мрестењето, а заради поголема заштита и зголемување на популациите се воведува:

- забрана за риболов на македонска пастрмка и во деновите од понеделник до четврток (со исклучок на државните празници).

забрана за риболов на сом и во деновите од понеделник до четврток, (со исклучок на државните празници)

За сливот на реката Брегалница, за кој се пишува оваа риболовна основа не треба да се пропишува тотална забрана за риболов во фиксен верменски период.

Заштитата на рибите и влијанието во правец на зголемување на густините на популациите на рибите да се изврши преку:

- заштита на рибите во периодот на мрест

- заштита на мрестните локалитети (природните плодишта)

- порибување

Временски период во кој е забранет лов на риби

Пастрмка Од 01. октомври до 15 февруар

Сом Од 15. април до 15. мај

Скобуст Од 15. април до 15. мај

Попадика Од 05. мај до 15. јуни

Клен Од 05. мај до 15. јуни

Крап Од 05. мај до 15. јуни

Бела мрена Од 15. мај до 30. јуни

Црна мрена Од 31. мај до 30. јуни

Покрај забраната за риболов за време на мрестењето, а заради поголема заштита и зголемување на популациите не е дозволен риболов на пастрмка и сом во деновите од понеделник до четврток, (со исклучок на државните празници).

Сите случајно уловени примероци од наведените видови, во периодот на забрана мора во жива состојба и неоштетени да се вратат во риболовната вода.

Забрането е секакво изнесување на рибите за кои е определена забрана, нивно убивање, како и ставање во секаков вид на чуварки.

Се забранува вршење рекреативен риболов во периодот од 1 април до 30 јули на специфичните локации каде се мрестат топловодните видови риби.

На риболовен ревир Брегалница 2 - од с. Тработивиште до с. Разловци;
На риболовен ревир Брегалница 6 - од с. Убого до влив на Брегалница во Вардар;

Злетовска Река - еден километар пред влив во Брегалница до вливот во Брегалница;

Се забранува вршење рекреативен риболов во периодот од 1 октомври до 1 март на специфичните локации каде се мрести пастрмката.

На риболовен ревир Брегалница 1 - од градот Берово до изворите на Брегалница
Злетовска Река - од изворите до Злетово.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за риболовен ревир “Брегалница 1”, “Брегалница - 2 “, “Брегалница - 3” и “Злетовска Река” , се ограничува на:

Македонска пастрмка до 2 (два) примероци

Клен до 10 (десет) примероци

Попадика до 10 (десет) примероци

Црна мрена до 20 (дваесет) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за риболовен ревир “Брегалница - 1”, “Брегалница - 2 “, “Брегалница - 3” и “Злетовска Река” е вкупно 2 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 2 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 2 кг. влегуваат и сите останати видови на риби кои досигнуваат помали должини (белвица, кркушка и др.).

За видовите “сончаница” и “калифорниска пастрмка” нема никакво ограничување и може да се лови во сите должуни и во неограничени количини.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за риболовен ревир “Брегалница 4”, “Брегалница 5” и “Брегалница - 6” , се ограничува на:

Скобуст до 10 (десет) примероци

Клен до 10 (десет) примероци

Бела мрена до 4 (четири) примероци

Црна мрена до 30 (триесет) примероци

Сом 1 (еден) примерок

Крап до 2 (два) примероци

Попадика до 20 (дваесет) примероци

Карас Неограничено

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за риболовен ревир “Брегалница - 4”, “Брегалница - 5”и “Брегалница - 6” е вкупно 3 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 3 кг. влегуваат и сите останати видови на риби кои досигнуваат помали должини (белвица, кркушка и др.).

За видовите “сончаница”, “сребрен карас” и “амурче” нема никакво ограничување и може да се лови во сите должуни и во неограничени количини.

За останатите видови на риби кои не се наведени во пописот нема ограничување во однос на максималниот број на единки.

Во дозволен риболовен прибор за рекреативен риболов спаѓаат: риболовни трски, риболовни машинки (орши) и разни видови на природни и вештачки мамки.

При вршењето рекреативен риболов на пастрмка може да се употребува само една риболовна трска, со или без машинка (орша) и задолжителна употреба на вештачки мамки. Дозволена е употреба на следните вештачки мамки: еден блинкер со една јадица (трокрака, двокрака или едникрака) или еден воблер кој може да има до две јадици (трокраки, двокраки или едникраки) или три вештачки мушички кои можат да имаат еднокраки јадици.

При вршењето рекреативен риболов на останатите видови на риби, дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

Прегледано 8715 пати

Галерија