Радика

Радика

Радика. Најзначајна притока на Црн Дрим е реката Радика. Извира на северозапад од врвот Голема Враца на Шар Планина, на територијата на СР Југославија, на надморска височина од 2.220 м, а се влива во Дебарско Езеро кај с. Косоврасти на кота од 487 м. Долга е 64,7 км, зафаќа сливна површина од 880 км2 (од кои 35,6 км2 се на територијата на Македонија), има релативен пад од 26‰ и пошуменост на сливот од 35%. Дел од горниот слив на Радика по вештачки пат преку Мавровското Езеро е префрлен во сливот на р. Вардар.

Од изворот до вливот во Дебарско Езеро, Радика тече под различни имиња. Така во горниот дел до вливот на Аџина Река таа е позната под името р. Црн Камен, од вливот на Аџина Река до вливот на Мавровска Река, под името Ничпурска Река, а дури од вливот на Мавровска Река до вливот во Дебарско Езеро тече под името Радика. Претставува карактеристична планинска река позната по својата атрактивна кањонска долина во која најживописен е кањонот Барич кој е долг 9 км и се протега од вливот на Рибничка Река па се до вливот на Жировничка Река. Во Дебарското Езеро просечно годишно внесува 18,87 м3/с вода, со тоа што најголемиот средногодишен проток изнесува 43,0 м3/с, а најмалиот 9,9 м3/с (Василески, 1997).

Во својот тек Радика прима повеќе притоки од кои подолги од 10 км се само: Мавровска Река, р. Рибница и Мала Река.

Големина на рибите под која не смеат да се ловат

Пастрмка во Радика 30 см

Пастрмка во притоките 30 см

Главатица Трајна забрана

Црна мрена 20 см

Писа 20 см

Скобуст 25 см

Клен 30 см

Крап 40 см

Јагула 50 см

Забелешка: Рибата се мери од врвот на муцунката до крајот на опашната перка, кога перката е нормално отворена.

Сите уловени риби под определената големина, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.

За останатите видови риби кои, кои не се наведени во табелата, кои се помалку значајни од аспект на рекреативен риболов, видови на риби кои ги има во поголема количина во риболовната вода или се во групата на непожелни видови риби, не се предвидува заштитна мерка “најмала дозволена големина под која несмеат да се ловат”, што значи дека може да се ловат на сите големини.

Временски период во кој е забранет риболов

Пастрмка Од 01. октомври до 01 февруари наредната година

Скобуст Од 15. април до 15. мај

Клен Од 05. мај до 15. јуни

Црна мрена Од 15. мај до 30. јуни

Крап Од 15. мај до 30. јуни

Покрај забраната за риболов за време на мрестењето, а заради поголема заштита и зголемување на популациите не е дозволен риболов на пастрмка и сом во деновите од понеделник до четврток, (со исклучок на државните празници).

Сите случајно уловени примероци од наведените видови, во периодот на забрана мора во жива состојба и неоштетени да се вратат во риболовната вода.

Забрането е секакво изнесување на рибите за кои е определена забрана, нивно убивање, како и ставање во секаков вид на чуварки.

Забранет е риболов на видот ГЛАВАТИЦА - Salmo marmoratus во реката Радика, Црн Дрим и сите притоки и на “слатководен рак” во реката Црн Дрим со сите притоки.

На риболовниот ревир “Радика” локации каде се мрести пастрмката е течението на река Радика од вливот во акумулацијата Шпиље возводно до вливот на Гарска Река во Радика (местото познато како “Бошков мост)

Се забранува вршење рекреативен риболов во периодот од 1 април до 30 јули на специфичните локации каде се мрестат топловодните видови риби.

Се забранува вршење рекреативен риболов во периодот од 1 октомври до 1 март на специфичните локации каде се мрести пастрмката.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за Река Радика

Пастрмка до 2 (два) примероци

Црна мрена до 15 (петнаесет) примероци

Скобуст до 10 (шест) примероци

Клен до 6 (шест) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба за риболовниот ревир на река Радика изнесува вкупно 2 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 2 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 2 кг. влегуваат и сите останати видови на риби кои досигнуваат помали должини (белвица, кркушка и др.).

Времето за риболов на пастрмката, во горе наведениот период, се дозволува само во деновите: петок, сабота, недела и државен празник.

При вршењето рекреативен риболов на пастрмка може да се употребува само една риболовна трска, со или без машинка (орша) и задолжителна упореба на вештачки мамки. Дозволена е употреба на следните вештачки мамки: еден блинкер со една јадица (трокрака, двокрака или едникрака) или еден воблер кој може да има до две јадици (трокраки, двокраки или едникраки) или три вештачки мушички кои можат да имаат еднокраки јадици.

При вршењето рекреативен риболов на останатите видови риби, дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или максимум три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

Прегледано 2930 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo  spin fly     Untitled    pastrmka  bistroinspekcija