Испечатете ја страната
Дудинка - мамец за клен и мрена

Дудинка - мамец за клен и мрена

Втората половина на Мај и месец Јуни е време кога не смее да се пропушти еден многу добар мамец, а тоа е дудинката. Ова е време кога зреат дудинките и треба да се искористи овој период од годината најдобро што може.

Дудинките спаѓаат во групата овошки кои се меѓу најслатките посластици за одредени видови на риби. Тука пред се мислиме на кленот, кој е познат по тоа што е голем љубител на разни овоштија, а меѓу нив и дудинката.

Ваквата страст на кленот не е за чудење, со оглед на фактот што едни од најдобрите мамки за клен се токму оние кои природно му паѓаат во водата. Токму затоа на разни локации и води кленот знае да јаде на сливи, капини, дренки, дудинки и слични овошки кои му паѓаат во водата.

Сепак, да не се свати погрешно, кленот јаде на ваквите овошки и на места каде и на неколку километри воопшто не постои дрво со такви овошки, токму затоа пробувајте на сите места, а особено обрнете внимание доколку некаде забележувате дрво чии гранки се надвиснуваат над водата.

Помеѓу сите овошки, дудинката е една од најомилените на кленот. Веќе испробана работа и доста ефикасна. Од нашето искуство во лов на клен на Вардар на дудинка Ви сугерираме неколку работи.

klen

Прво ви треба дудинки. Дудинките на разни дрва се разликуваат по неколку работи, по времето на зреење, по боја, по цврстина, по големина и по вкус, односно некои се послатки, некои помалку слатки. Доколку сакате добро да го искористите овој период кога зреат дудинките прошетајте по населбата и пронајдете ги дрвата дудинки. Почнете да ловите со оние кои најрано зреат. Подоцна кога сите дудинки ќе узреат можете да бирате. Ние Ви сугерираме бела и слатка дудинка. Во однос на големината добри се помалите, односно просечните дудинки кои се долги до 2 милиметри, иако можете да имате добри резултати и со поголеми дудинки од проста причина што кленот е лакома риба и секогаш удира на покрупен мамец. Немојте да бирате ептен ситни дудинки, запамтете, кленот има огромна уста, лаком е и може да лапне голема дудинка. На многупати се случувало 2 милиметри дудинка да ја лапне и кленче од 150 грама.

Доколку можете да бирате помеѓу две дрва, одберете ги оние дудинки кои се послатки. Исто така одбирајте дудинки кои се зрели. Тоа ќе го увидите по тоа што кога дуднките се зрели тие почнуваат да паѓаат од дрвото. Можете да собирате и од земја, но и од гранките. Битно е дудинката да е зрела, мека (не да се распаѓа) и сочна.

Соберете во поголемо канче, со цел да имате доволно и од време на време да можете да фрлате по некоја дудинка на местото на кое фаќате.

Во однос на спремата, добро е да се користат јадици 8-ца или 6-ка, на кои дудинката може добро да се монтира. Доколку фаќате на тапа, со оглед на тоа што во овој период од годинатаdudinki водите се доста големи, користете тапи со поголема носивост, наша препорака од 5-8 грама носивост, со цел да можете да фаќате и во побрзите води. Доколку ловите на река и на тапа, барајте го кленот на местата каде што реката има природен водотек (ниту пребрзи, ниту преспори водотеци), барајте и места каде што помеѓу брзаци има некој камен или друга препрека која прави одредена посмирена линија во водата каде што можете да гаѓате и каде што доста често има добри резултати.

Доколку на едно место од реката немате никакви резултати, пробајте на друго, затоа што можеби во тој момент кленот не е на местото каде што зафрлате.

Во однос на ставањето на дудинката, таа најдобро се монтира со нејзино опфаќање со јадицата, преку цела дудинка. На тој начин со јадицата дудинката е опфатена и преку нејзината жиличка која поминува во средината на дудинката и подобро се држи на јадицата и не паѓа лесно. Сепак немојте да сметате дека со една дудинка ќе ловите 15 минути. Доколку ловите со меки и зрели дудинки, можете да зафрлате најмногу до 10 пати со една дудинка, по што таа делумно се распаѓа и треба да ја смените со нова.

dudinka zakacena na jadica

Во однос на нејзината дршка, некои рибари практикуваат да ја кинат (најчесто со заби на лице место додека фаќаат), но други сметаат дека дудинката треба да си остане во нејзината природна форма, со дршка. И двата начина се финкционални, така што не нудиме совет и тоа останува на Ваш избор.

Кога ловите на дудинка на река, оловцата дигнете ги нешто повеќе од вообичаеното, околу 40-50 сантима, со цел на дудинката да и оставите доволно можност за да се тркала по дното на нејзин природен начин. Притоа, имајте навика да поткочувате, со цел од време на време да ја подигнувате дудинката од дното, со цел таа да потскокнува и да ја иритира рибата.

На дудинка можете да ловите и “НА ЧЕК“, односно со возење, а исто така можете да ловите и “НА ПЕЦ“ (за што сме пишувале), т.е без олово. Без олово, најчесто се лови на непристапни места, од мостови, или плитки места на кои претпоставувате дека се наоѓаат кленовите, или пак веќе сте ги виделе. При ваков риболов, од самото зафрлање на дудинката, доколку на местото има клен, очекувајте експресен удар и веднаш земање на дудинката и затоа бидете спремни за брза реакција.

На крајот, не заборавајте, освен кленот и мрената е љубител на добра дудинка, па многу често имало случаи додека се очекува клен, да мавне некоја мрена, што секако е добредојдена и дава одлична можност за добра борба. Притоа, во очекување на некој поголем клен и некоја голема мрена, не заборавајте да ја припремите кочницата, односно да го олабавите амортизерот, затоа што на водотеци кои се побрзи, ударот на поголем клен или мрена, ќе значи риба која со помош на брзаците има огромна сила и имате чуство дека влечете риба од 5-6 кила. При вакви ситуации може додека се свестите рибата да ви скине, или да ви се откачи, токму затоа бидете спремни и трпеливи при борбата со неа.

mrena3

Воедно не исклучуваме дудинката да е добар мамец и за други видови риби.

Прегледано 8510 пати