RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk

Продолжен викенд, петок како создаден за по риба. Со Емил тргаме во 04:30 од Струга (доцниме, во 05 е веќе дење).
Стигаме на Радика и веднаш се симнуваме на истите позиции каде што го одржавме првото коло од мушичарскиот куп, да провериме што нудат позициите на слободен риболов.
Рибата од сабајле беше активна, извадивме по неколку парчиња по 25-26 см на мојата и на Јулио позицијата. Емил продолжи да ја лови на Перун позицијата, а јас се качив на позицијата на Цакуле. Само што почнав да ловам, слушнав викање “Филип, доаѓај, килајка е“ :)
Ете го Емил се бори во брзакот со убава и здрава пастрмка, додека стигнав до него низ река, па да извадам телефон, успеав да го снимам само крајот на борбата. Убаво радичко парче, вагата покажа 1.255 грама. После таа риба, нагоре по реката имавме едно саат време пауза, па по некое рипче, па од кај 12 до 16 штама (многу беше топло и спарно), за после 17 да извадиме по уште неколку парчиња. На стемнување пробавме на сува, имав 7-8 удари, но сите беа промашувања :) Здравје до следното одење

Понеделник, 29 Мај 2017 08:53

Државен мушичарски куп Радика 2017

Вчера се одржа државниот мушичарски куп на река Радика.

Резултатите се следни:

Четврток, 11 Мај 2017 09:12

Спин дружба Маврово 2017

07 Мај , 2017, денот кога се одржа спин дружењето/натпреварот на преубавото Мавровско езеро. Околу 15-ина колеги се собравме на Црн Камен утрото. Инаку, ова дружење оваа година има комеморативно значење, во сеќавање на нашиот покоен драг колега Владо МКД.
Со самото пристигнување на езерото благодарение на dafko со кого патував :), некои од колегите веќе беа на локацијата, чекавме да дојде главнината ( претседателот saso со најрасположениот Dare $, kompir, FisherKing и останатите драги колеги). Имаше доста од колегите кои од оправдани ( се надевам оправдани хехехе ) причини не дојдоа, но што е тука е. Ситуацијата не беше сјајна во однос на временските услови, но сето останато беше прекрасно. Дружењето,пријателите, смеење, шеги, секогаш расположени за добра забава. Но, за несреќа, времето не не послужи. Натпреварот почна со силен ветар кој почна да се зголемува, а згора на тоа и дожд се појави за да ни го прекине натпреварот. Условите беа невозможни за да се лови, па по заеднички договор, се упативме кон "Мал одмор" да сублимираме, да размениме искуства и слично. Имаше и второ полувреме кај Маврови Анови подоцна за натпревар, но дождот и ветрот си ја покажаа силата и тоа беше крај на дружбата. Инаку, за краткото време кое го искористивме за да се натпреваруваме, се уловија 3 риби и имаше неколку откачувања и удари. Најголемата ја фати FisherKing, потоа Давор и последната Срѓан. Тоа и беше конечниот резултат, 1-во, 2-ро и 3-то место. До следното дружење, бистро на сите вљубеници во спининг риболовот! :)

stopМесеците Мај и Јуни се месеци на мрест во кој ние рибарите треба да знаеме да се воздржиме од одење по риба и особено треба да се воздржиме од зимање на риби кои се во мрест.

На многу води низ Македонија има концесионери кои по редот на нештата треба да се грижат за поуспешно мрестење на рибите. Некои се грижат, некои помалку, некои воопшто. Има и води кои што немаат концесија и на кои е забранет риболов, но сепак некои риболовци ризикуваат големи казни и ги напаѓаат и овие води. Оние кои треба да водат грижа во најголем дел се концесионерите, чуварите, инспекторите и полицијата. Но се чини дека најголем чувар на идниот подмладок од риба низ Македонија е свеста на луѓето. Токму затоа треба да бидеме свесни дека: во овој период Мај и Јуни (секако во зависност од временските услови и топлината на водата) се мрестат Црвеноперката, Лињакот, Кркушката, Крапот, Кленот, Сомот, Бојникот, Мрената, Попадиката, Кострежот, Смуѓот и други видови риби (освен Пастрмката и Штуката чиј мрест е веќе поминат)

Концесионерите веќе ги имаат истакнато датумите на забрани за 2017 низ цела Македонија и истите може да ги најдете ТУКА.

Почитувајте ги забраните и помогнете за повеќе риби во нашите реки и езера.

Колку е битен мрестот говорат бројките кои ќе ги видите подоле, кои говорат колку од прилика јајца (идни рипчиња) може да снесе полово зрела женка од некоја од видовите риби.

Крап од 200.000 - 700.000 јајца (икра)
Клен од 50.000 – 200.000 јајца (икра)
Бојник од 50.000 – 100.000 јајца (икра)
Мрена од 3000-8000 јајца (икра)
Сом може да снесе до 500.000 јајца (икра)
Попадика 80 000 - 200 000 јајца (икра)
Костреж положува и до 200.000 јајца (икра)

Ваквите бројки укажуваат дека ниту едно порибување неможе да даде допринос за богатството на риби во македонските води колку што е успешниот мрест на рибите. Но, во исто време, овие бројки укажуваат дека и штетите по рибниот фонд од рибокрадците и риболовците со слаби етички и морални вредности, во овој период се огромни.

Токму затоа, во овој период рибите треба да се остават на мира да си ја завршат својата природна функција и треба воздржување од риболов. Но и да се најдете во овој период на некоја вода, имајте совест и размислувајте за иднината. Сетете се на овие бројки во секој момент кога ќе помислите да земете 5 кркушки, 3 клена, 2 мрени, 2 крапа, еден сом, или по две три кила црвенпоерка, или попадика. Сетете се дека не зимате само неколку риби, туку уништувате милиони риби кои треба да излезат од тие риби вие што ќе ги земете. Кога ќе ви текне да спремате, или ќе ви понудат чорба од икра, или плескавици од икра, сетете се дека таа чорба или плескавица е напрвена од илјадници рипчиња кои не дошле на овој свет поради некој кретен. Можеби вашиот стомак и стомакот на вашите пријатели ќе биде полн после 2-3 гезмиња, но водата од каде што сте ги земале рибите ќе биде посиромашна за неколку милиони риби подмладок. Рибите, или чорбата, или плескавицата, која сте ја изеле ќе ја исфрлите во некоја шоља после еден ден, а водата од каде што сте ги земале рибите во мрест ќе биде посиромашна за милиони рипчиња во сите идни години. Размислете дали вреди !

Можеби сте правеле вакви работи во изминатите години, никој не е безгрешен, но секогаш има момент кога можеме да се поравиме. Секој човек учи, созрева и еволуира. Оваа година нека преовлада разумот.

И не само лично да размислите, туку имајте активен пристап и подучете ги вашите пријатели, комшии и роднини. Ако не разбираат што е мрест и колку е важен за Риболовот во Македонија, укажете им, подучете ги, пробајте да ги одвратите од мислата да тргнат на риболов на риба која се мрести. Ако веќе неможете да ги одвратите и се најдете со нив на терен, пробајте да ги разубедите да не земаат све, да не земаат риби полни со икра, укажете им на штетите кои ги прават.

Во исто време, помогнете им на риболовните здруженија, концесионерите, инспекторите и полицијата, да се зајакнат контролите во овој период на мрест на рибите. Да се зајакнат контролите, да се зголемат акциите и да се удри ЈАКО по рибокрадците.

Ова е период кога рибокрадците трљаат раце, затоа што рибите доаѓаат и се мрестат близу обалата, голем дел од рибите се зашамутени и целосно препуштени на љубовната игра, или пак не бегаат за да си го бранат потомството и во такви ситуации настапуваат мрежарите, настапуваат вилите, харпуните, динамитот и други средства за масовно истребување на рибите. Рибокрадците пунат вреќи, кошеви, трактори и цели сандаци со риба која не е измрестена и на тој начин уништуваат цели генерации на риби. На овој начин рибокрадците крадат од државата, крадат од природното богатство, но и од нас рибарите. Тоа е главната причина поради која на многупати во годината вистинските рибари неможат рипче да фатат на некои води. Рибокрадците го крадат нашето задоволство ! Токму затоа треба да се даде целосна поддршка и да се одвратат многу луѓе кои ги познавате, а кои се бават со ваков криминал. Казните се големи и достигнуваат до неколку илјади евра. Ако неможете да ги разубедите, не им помагајте, не ги кријте, на тој начин и Вие сте соучесник во масакарот што го прават.

Пријавете ги и секој да се најде пред лицето на правдата !

Пријавете го или кај концесионерот, или во Инспекторатот за земјоделие на бесплатниот број 0800 11 000

БИДИ СОВЕСЕН, НЕ ЗИМАЈ РИБА КОЈА СЕ МРЕСТИ, ВКЛУЧИ СЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ РИБОКРАДЦИТЕ и ЗАШТИТИ ГО МРЕСТОТ !

За празнициве по обичај тркнав до Охрид и од таму со Емил по риба. Како дестинација ја одбравме реката Треска. Времето генерално не послужи, освен ненадејниот пљусак кој ја направи водата ораница за 5 минути и бевме приморани да си отидеме порано, па на крај завршивме на вежбање кастинг на дива вода :)

Овој пат излегоа поубави риби за разлика од претходните риболови годинава, односно почна да се отвора сезоната како што треба. Ловевме на нимфи, покрај поточарите фативме и вкупно 10-11 калифорниски пастрмки кои не се сликани воопшто. Тежок терен за риболов, обраснато, гранки насекаде.

Уживајте во фотките, а посебно во клипот

Петок, 21 Април 2017 09:30

Голем Петок на река Треска

Со добра екипа,добра природа,добра риба и малку желба лесно е да се направи и добра рибарска репортажа
Како секогаш имале чест форумџиите да гледаат први така и овој пат ексклузивно за вас нашиот прекрасно поминат ден склопен во прекрасно 10 минутно видео...
Кој не идел на овој терен преку видеото ќе ги види скоро сите добри места од уливот на река Треска во езеро Козјак до уливот на река Беличка во река Треска.
Само овдека сум гледал како се вади бојник на дренка и воблер, а клен на лебче
Уживајте и до следно видување нека ви е на сите бистро, поздрав од вашх верен рибар Акирибар !
Поздрав голем од нас до вас од цела екипа !!!

Ве известуваме дека 34-та Седница на Собранието на Македонска Риболовна Федерација ќе се одржи на 23.04.2017 година во просториите на Земјоделски факултет за науки и храна со почеток во 11.00 часот во Скопје.

Делегати со право на глас имаат риболовните здруженија, членки на федерацијата кои ја имаат подмирено членарината за 2016 година до денот на одржувањето на Собранието.

Материјалите се објавени во прилог на ова известување.

Со почит,

Македонска Риболовна Федерација

Вторник, 18 Април 2017 13:19

Голем Петок во Маврово

После краткотрајно размислување, дали денес (голем празник )да одам на рибарење, опремата у кола и правец Маврово.
5,40h веке сум на местото кое го планирав,ако не е зафатено.
Почнав со кашики,Мепс,Балзер и секако по препорака на веке добитната Абу Тоби.
Потегот од каналот па до брана полека се пополни со пациенти кои околу 9h почнаа да си одат.Во разговор со некои од нив, слабо нема никаква акција ни удар.
Наоружан со стрпливос и упорност не престанав да менувам кашики и да зафрлувам.
10.02h ке остане запаметен засекогаш. УДАР,просто не ми се верува,адреналин шишти,котра и тука е.
На почетокот не баш борбена но како ја носев према обала се појако и појако влеше не се дава.
Конечно во кеп, како бев сам немаше кој да ми помогне да направам по убави слики, но здравје секогаш има следниот пат.

Пастрмката е 2270гр,51цм фатена на Абу Тоби(зелена нијанса).
Стап Шимано Страдик 2,77 15-50гр
Машинка Шимано Страдик 3000фк-хг

Плетеница Шимано Каирики 0,15-ка

Предвез флуорокарбон Горила.

Вторник, 04 Април 2017 13:33

Априлили или...

Повеќе од половина година пауза во спининг риболовот. Што заради лични причини, што заради зимата(иако годишното време и не е никакво оправдание, нели?), и ете, се случи една убава дружба, повторно. На покана од Давор - leunovo, а знаејќи дека Petrakki веќе е во Маврово, се договоривме да искористиме еден ден од неделата во еден од најубавите национални паркови, поточно Мавровското езеро. Краток договор околу времето на поаѓање и долга непроспиена ноќ, се разбира, пред риболов е секогаш така. Цела вечер ми помина во средување на опремата, трските, мамците, кутии, бришење на пајажината што се насобрала за сето време кога не сум ја користел. Си склопив една кутија со мамци и една резерва, со оние што мислев дека нема да бидат ловни , си ги премотав плетениците, подвезите, си ги проверив трските (одлучив да ловам со Savage Gear MPP Soft Lure 8’3” 251cm), а исто така сакав да тестирам некои воблери со Savage Gear Parabellum CC UL 6’3” 190cm 0-5g, па и таа ја земав. Во договореното време излегов на зборното место, а Давор веќе е таму со колата. Се поздравивме, опремата во кола и тргнавме.
- Спиеше малку, одмори?
- Околу три часа, дремнав.
- И јас толку.
Спремни сме, правец - Мавровско езеро!
По пат разговори, една кратка кафе-пауза на бензинска станица и речиси сме на излез од Гостивар кон Маврово. Додека разговаравме со Давор, си ги извадив личните документи да ги проверам и шок! Сум заборавил речиси се, и лична карта и возачка, а најбитно и легитимацијата! Веднаш се јавив кај брат ми, ако ништо друго, да ми ја слика легитимацијата и да ми ја прати сликата, па ако успеам некако и да извадам дозвола. Поминаа 5 минути, и се сетив! Во ранец ми се документите! :D Добро е, се е наместо, а ние сме речиси пред Маврово.
Мугра, влегуваме во националниот парк додека се разденува пополека, воздухот е чист и остар, а нивото на езерото е на минимум. Извадив дозвола и продолживме да се најдеме со Пеце. Се поздравивме и кон езерото!

Се сместивме на 15-ина метри еден од друг, почнавме да ги монтираме трските, да ги вадиме мамците и повторно шок!Место кутијата што си ја спремив сум земал друга кутија со мамци! Тие што мислев дека ќе бидат добитни останаа дома, а резервната кутија со мамци не ми беше прв избор. Но, тоа е што е, ќе се снаоѓаме. Почнавме да фрламе, не помина еден час и удар кај Давор, трската свиткана, десетина секунди и цап, се откачи! Најверојатно беше пастрмка, рече Давор, а и едната трокрака е исправена. Ништо, одиме понатаму. По кратко време, удар кај Пеце! Беше малку поодалечен од нас, шеташе по брегот да се стопли и бам! Трска свтикана и за кратко рибата е во кепчето! Клен! Ентузијазмот и андреналинот се веќе во горните опасни граници, па по извесно време повторно удар кај Petrakki и за кратко уште еден клен е во кепчето.

Се радуваме сите и продолжуваме. Во меѓувреме се допишуваме со колегите , се смееме, и во оваа прилика би ја поздравил групата Бели Црви. :D Одиме понатаму!
Давор ми зајми една кашика и почнав да си играм со неа, зафрли, пушти ја да падне на дно, па повлечи, два-три ситни twich-а, па пак пушти ја и така во некој искршен ритам кога одеднаш, бам, удар! Трската се свитка и почнаа ударите! Кленот обично по неколку удари откако е закачен, престаува да се бори, но ова континуирано удира, извлекува конец! За кратко време Давор е кај мене со кепчето, а рибата е веќе на површина, пастрмка! И тоа убава! Два-три маневри и рибата е во кеп! Верувајте, додека ја пишувам репортажава се уште ме удира андреналинот, ова ми е втор пат да фатам риба на Маврово, последниот пат кога бев на риболов, бев на Маврово и тогаш фатив два клена од кои едниот ми избега од чуварка. А сега, ете, езерото ме дарува со преубава пастрмка.

Да не ги оставев цигарите, ќе запалев една. Кратка фото-сесија и се враќаме на риболовот. Не помина долго, кога повторно кај Пеце удар, ама каков! Трската свиткана и додека трчајќи кон него да помогнам за вадење на рибата, видов дека е огромна пастрмка! Давор снимаше, па еве го и видеото со специјални поздрави до некои од нашите драги колеги и другари. :D

Капитална пастрмка од 70 см и 6,4 килограми(мерени со кепчето заедно)! Прв пат гледам толкава пастрмка во живо, вистински капитален примерок! На екстазата и немаше крај! Задолжителна фото-сесија за таква убавица во рацете на Пеце - Petrakki е привилегија. Откако малку се смиривме со емоциите , Пеце реши дека тоа е крај на неговиот риболовен ден, не поздрави со насмевка на лицето и покана за кафе пауза. Останавме со Давор уште некое време, а потоа одлучивме дека е време за пауза.Го посетивме Пеце, кратка кафе пауза и играта може да продолжи.

Второто полувреме сменивме и локација, но не ни се допадна водата, па се вративме на првата локација.

Продолживме да ловиме таму каде што застанавме со Давор. Времето одминуваше, а удар немаше. Инаку, имав доста кинења на мамците. Теренот е таков, најверојатно има доста подводни карпи, но огромна благодарност до Давор кој несебично подели мамци со мене. Еден од тие, една кашика, беше добитната за уште едно изненадување. Водејќи го мамецот од самото дно па нагоре со некој свој искршен ритам, twich,стоп,неколку секунди пауза, па пак неколку twich-а и така натаму, на половина пат до мене, удар! Брза контра и game on! :D По давањето отпор претпоставив дека е пастрмка и за кратко се уверив во тоа! Давор дојде со кепчето и за кратко втората моја пастрмка е во моите раце спремна за фото-сесија. Луда работа!

Мавровска убавица од 1,8 килограми и 60 сантиметри. Иако првата беше измерена 2,2 килограми, изгледаше помала од втората. Но, вагата не лаже иако е Априлили. По кратко време, престанав да ловам, доста ми беше. Езерото ме даруваше со две прекрасни пастрмки, не ми се веруваше, едноставно, среќа! Се погодија некои коцки и ете, се смилува езерото да фатам две риби. Продолжив да го гледам Давор како лови, кој вети, ако фати риба, ќе ја пушти макар била и пастрмка од 10 килограми! И за кратко, бам, удар кај Давор и еден клен е веќе спремен за сликање и пуштање!

Со тој улов, решивме дека е крај на оваа наша кратка, но слатка риболовна авантура, се видовме со Пеце, едно кафе/чај и преморени се вративме назад за Скопје со прекрасни спомени од убавото Маврово и Мавровско езеро. Бистро до следната авантура!

П.С. За да го оправдам малку насловот, еве ја точната тежина на капиталната пастрмка, 5,4 килограми мерени заедно со кепчето.

Вторник, 04 Април 2017 13:31

Сефте годинава на Дебарско

Како што напоменав и пред некој ден, планирано беше да се посети Дебарско Езеро и да проба да се улови некој клен.
Од Скопје појдовме спремни ко да ќе вршиме инвазија над Нормандија :D
На пристигање не пречекаа бранови кои потоа ги снема.
Цел ден езерото беше мирно како тепсија.
Се обидовме да уловиме клен на повеќе начини и мамци, но отсуствуваа капитални примероци.
Јадеа кленчиња до 300 грама и зезаа крупни плашки (големи колку кленовите).
Поради слабата активност на кленот, наместо планирани два дена, се вративме вчера.
Во разговор со останатите колеги кои исто така беа таму, заклучивме дека слабо било на цело езеро.
До минатиот викенд, кленот бил многу активен на повеќе локации.

Се извади риба колку што се извади, се спакувавме и си тргнавме накај дома.
Во отсуство на слики со убави примероци, ви прикажувам слики од позицијата со по некоја риба.

До следната репртажа, поздрав!

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo  spin fly     Untitled    pastrmka  bistroinspekcija