RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk

Од 7-10 јули се одржа 7-миот Јадранско-подунавски куп во мушичарење на реката Тара кај Колашин во Црна Гора. Од Македонија зема учество една екипа, согласно постигнатите резултати на државниот мушичарски куп Радика 2016, односно Пепи, Емил и јас. Бидејќи беше одлучено да се оди со Витото на МРФ кое беше слободно во тој период, се договоривме да одиме сите 6 натпреварувачи од купот, за и другите да видат како изгледа такмичењето и да соберат искуство за риболов на липљан. Така отидовме вкупно 7 луѓе, Пепи, Емил, Кременадла, Јулио, Цакуле, јас и Пешиќ како службено лице од МРФ. Се сместивме некако во Витото и правец за Колашин во четвртокот сабајле.
Попладнето стигнавме во Колашин, се сместивме, апнавме по некоја плескавица на кајмак и правец на река :D

Ден претходно бевме известени од организаторот дека слободните води на Тара (вон ревирот) како и реката Пласница се слободни за сите натпреварувачи од четврток до понеделник за риболов и тренинг, без ограничување и без дозволи. Затоа, веднаш отидовме на почетокот на слободниот дел на Тара, на крајот на ФФ ревирот кај што се организираше купот.

Веднаш почнавме да “тренираме“, да пробуваме и менуваме мушици и си поминавме топ. Со Кременадла останавме последни до 9 сааат вечерта на река:) Со тепање го вадевме чоекот од река, не му се излегуваше

Се вадеа липљанчиња и по некоја пастрмка. Слабо сликавме, немаше кој :)

Вечерта се запознавме со Колашин и се прибравме бидејќи сабајлето одевме на официјален тренинг. Во петокот сабајле се собравме на зборното место и организираторот со автобуси не однесе на тренинг патеката во националниот парк Тара, на реката Тара, каде што е забранет риболовот преку целата година. И таму ловевме, се извади по некој липљан, видов на какви нимфи јаде, другиве ги цепаа на сува, поминавме убаво.

Според кажувањето на локалците и организаторите, реката до пред 2 години била опустошена, се додека не ја земале под концесијата сегашните концесионери на ФФ ревирот и малку ја довеле во ред. Во слободниот дел речиси и да нема крупна риба, а локалците на васер и тирол прибираат се што ќе фатат, па и рипчиња од 7-8 см. Во ревирот кој е долг 7-8 км е друг муабет, таму видовме липљани и од 40 см, на добар пат се, ама се уште не може да се каже дека се богат ревир какви што има на балканот.
После тренингот отидовме повторно на слободниот ревир да се “довежбаме“. Фативме по некој липљан и таму, генерално ги дефиниравме мушиците на кои требаше да ловиме утредента.

Попладнето имаше влечење на позиции, па свечено отворање на купот, каде што прво продефилиравме низ Колашин, па имаше отворање на купот, па на крај коктел за учесниците.

Сабајлето повторно на зборно место, мушичарски тим Македонија.

Додека ние такмичевме, Кременадла и Цакуле сабајлето беа на Плашница, а попладнето заедно со Јулио беа повторно на риболов на слободниот ревир. Убаво си поминале

Во меѓувреме ние се мачевме. Околу натпреварот... Прво коло јас бев во А, Пепи во Б, Емил во Ц. Мене ми се падна последната позиција А16, која беше еден голем вир со 3-4 метри длабина. Многу глупа позиција. Успеав да фатам две риби во првите 10 минути и толку беше за тоа коло. Липљанот беше активен од сабајлето па се до кај 9:30, кога фати убаво припекот се повлече доле на дно и престана да јаде. Пепи помина поубаво во Б сектор, а Емил во Ц за жал немаше риба во мерка. Првиот ден екипно бевме 15-ти во генерален пласман.

Попладнето во второ коло јас бев во Б, ми се падна нормална позиција и извадив 5 липљани и завршив 4-ти во сектор. Пепи беше во Ц сектор, извади 3-4 риби и беше 6-ти во сектор, а Емил беше во најбогатиот сектор А, извади 7 риби и во генерален пласман дента се искачивме на 12-то место. Во неделата сабајле јас бев во Ц, откачив повеќе риби на нимфа копер џон која беше со стисната контра и изгледа затоа лесно ми бегаа рибите. Во последните моменти фатив 3 риби, 2 липљана и едно мало пастрмче кое излезе 19 см, односно беше под мерка, не успеав да го издолжам :) Тие ги фатив на сува, иако немаше видлива активност на позицијата. Пепи во А помина убаво, фати 7-8 риби мислам (резултатите ги заборавив дома, ќе ги скенирам и ставам утре), а Емил во Б исто имаше улов и се искачивме во генерален пласман на 10-то место. Така и завршивме, во првите 10 екипи, што за нас беше добар резултат, односно најдобар на мушичарите до сега во последните 3 години. Имавме шанси и за повеќе, мојот слаб улов во прво коло играше улога, ама немав среќа со позицијата.. Ми доаѓа во првите 15 минути контролорот од Црна Гора и ми вика “немаш баш среќа со позицијава а, срање ти е“ :) И нулата на Емил ни донесе негативни поени, без кои ќе завршевме 8-ми во генерален пласман. Ама што е, тоа е, собравме уште повеќе искуство, поминавме убаво и задоволни се вративме назад :) Организацијата беше супер, немаше проблеми и утки како лани во Босна, се запознавме со нови такмичари и стекнавме драгоцено искуство за риболов на липљан. Од натпреварот немаме многу фотки, само неколку...

И две заеднички фотки за крај :)

….Со Тафта на Вардар пресековме и си отидовме баш кога почна да удира, да си каснеш од газот, ама тоа беше мораше да се иде... тоа беше Сабота...поминавме и на Мавровица да ги посетиме спортистине и да им завидуваме што имаат трски во вода и акција во тек. Бидејќи имав одмор следната недела уште од таму размислував за следна авантура и каде да фатам џенем. Ми требаше целосна кампања која ќе држи малку влага. Следниот ден колата уште не ми ни беше растоварена, размислував да се вратам на местото на Вардар, размислував да идам на Преспа, Козјак и кај ли уште не. Почнав да вртам на луѓе да видам кој е слободен во работни денови, кој е на одмор, кој ќе прави друштво и кај да се здувне. Све зафатено, се со обврски, а јас наоштрен ко Гербер :)... сега слободни денови па кујзне кога пак, идам па ако треба и сам. Во принцип мислам дека идењето сам на риба повеќе денови во некоја дивина колку што е храброст и предизвик, толку е и глупост и лудило и сум против тоа, но овој пат лудакот бев јас и не ме држеше место.

Понеделник попладне се товарив и ја фатив накај Козјак. Земјата гори од жештина, а јас со цел памет растоварање и мкнење цела опрема и камп сам. Ја оставив колата на патот и спуштање надоле накај езеро едно двеста метри натоварен како магаре по неколку пати, душа ми испадна.

Успеав пред само стемнување да се стационирам, исфрлав прихрана, фрлив една трска, втора трска и на фрлање трета трска удар на првата ...радост, неверување, паника, нема никој, нема помош, ќепот не е отворен, ниту пак изваден од футрола....Ајде полека по полека со една рака држи трска и некако контролирај ја рибата, а со друга пробувај да извадиш кеп....не успеав, рибата идеше накај мене, мора уште една рака да мота на машинка да биде затегната рибата, видов не иде, баталив кепот и се фокусирав на вадењето. Добро што крапот не беше некој поголем и некако успеав да го извадам со раце. Подобро добредојде неможеше да биде, првиот крап беше совладан.

Вечерта беше прекрасна. Месечината правеше одлична атмосфера.
Од една страна беше језиво што си сам, но од друга страна имаше активност се редеа повремени удари, дел реализирани, дел промашени, дел влегоа во дрва, повеќе кинења на закачки, генерално активна ноќ и утрина која ме остави без сон, но и ми најави интересна кампања. Она што не беше најдобро е што краповите беа мали, кило, килоипол, две, а имаше и помали од кило.
Се надевав на поголеми, но без разлика уште на старт започнав со селекција и многу крапчиња во оваа кампања си го најдоа патот за назат во водата.
Деновите беа сурови и пеколни. Вистински предизвик и тест од природата. Сам, во околина немаше жив човек, друштво ми правеа само животинки и инсекти.
Без да имаш со кого да направиш моабет, сам да подигаш тенда и шатор, да се бориш со ветерот кој на отворено знае да биде поприлично незгоден, сам да носиш дрва, камења, да затегаш и секако најголемиот тест како да преживееш по цели денови на суровото сонце, без сенка, без дрва во околина и температура над 40. Во околина жив змијарник, под секој трет камен змија, во вода исто така.
Без да имаш со кого да направиш моабет, сам да подигаш тенда и шатор, да се бориш со ветерот кој на отворено знае да биде поприлично незгоден, сам да носиш дрва, камења, да затегаш и секако најголемиот тест како да преживееш по цели денови на суровото сонце, без сенка, без дрва во околина и температура над 40. Во околина жив змијарник, под секој трет камен змија, во вода исто така.
Ги броев минутите во исчекување да падне сонцето и да паднат температурите.
Ги броев минутите во исчекување да падне сонцето и да паднат температурите.
Тоа е Козјак, што да се каже....ама јас ги сакам тие тестови на природата и обожавам вакви предизвици.

Уште една пикантерија на оваа кампања беше кепот кој се покажа како смртоносна замка за змии и други животинки. Уште немам пробано змии, а иначе кампањава имав одлична можност и за таква егзотика. Во една од вечерите кога го извадив имаше внатре две риби, една жаба и 6 змии заплеткано...ама така заплеткани што ни Bear Grylls не би знаел како да ги извади.
Толку змии во живот немам фаќано. Мораше да игра ножот и едно сат време ги вадев од кепот, права хорор-касапница.
Во делот на рибарлукот после првата вечер имав големи очекувања, но втората вечер веќе ми најави дека работите нема да одат во добра насока. За разлика од првата вечер кога имаше активност, имаше и скокови, втората и третата вечер немаше ни удари, ни скокови. По мене тоа се должеше на континуираното паѓање на водата и моја претпоставка е дека крапот, пред се поголемите први почнаа да мигрираат кон подлабоките делови на Козјак. Јас ловев на уливот и моја препорака е ако некој во скоро време иде на крап да оди кон внатрешноста на езерото затоа што водата и понатаму е во пад.
Преку ден имаше тук таму некој удар, пред се сабајле до кај 10.
Не искочи нешто поголемо, но кампањата понуди солидна активност, сигнализаторите работеа, имав сигурно околу 20 удари, имав многу риби кои ми отидоа во дрва бидејќи ловев на тежок терен.
Доста кинења, но и 10-тина извадени крапови. Земав 3, а останати ги вратив назат.

Едно од поубавите видеа кои ги имам направено е ова видео кое претставува одлична симболика дека кога селектираш и враќаш риба назат езерото знае веднаш да те награди.

На крајот би сакал да упатам порака да ги споделите вашите рибарски доживувања со останатите рибари тука на форумов. Јас на оваа кампања бев сам во поприлично сурови услови, но сепак не ги заборавив форумџиите и се потрудив да усликам, уснимам и споделам што повеќе рибарски моменти. Се надевам дека и другите кои беа или ќе идат по риба ќе ги споделат своите доживувања.

Среда, 10 Август 2016 09:41

Добар одмор

Оваа година повторно на одмор во соседна и пријателска Грција. Место Торони првпат таму, вода прекрасна бистра, клима одлична. За разлика од други години кога само еднаш или ниеднаш, практикував риболов исклучиво на вештачки мамци. После пристигнувањето имаше мало разгледување на околината и можните места за риболов. Позади тврдината која се наоѓа на левиот крај на местото има едно мало заливче во кое никој не доаѓа на плажа, ми се виде интересно и првиот пат отидов таму. Но ништо, фрлав некои воблери за мене огромни, и површинци но удар немав. На враќање накај хотелот застанав на плажа да пофрлам уште некоја рака и оп првата моја морска риба на спин на море, иглица. По неа уште една па неколку откачувања. Интересно.
После два дена пак на вода пред разденување, активност на риба страшна, летаа игливи и други риби на сите страни. Почнав да фрлам, нејќе. Другите рибари си одат, ја упорен, си викам кај ќе рипне таму ќе фрлам. И бам нешто удри на површинец, влече ли влече, и излезе еден убав Шнур (Кокали на грчки), ја пресреќен. Менувам воблер почнувам да мотам и удар како камен, машинката зуи, и после подолга борба излезе Паламида.
После два дена ете ме пак, на плажа во темното пред разденување, и пак акција и повторно Паламида и уште две риби што незнам кои се.
Последниот ден пак на плажа ама пред стемнување, три удари, една риба извадена Шнур за крај на убавиот одмор.
Фала на колегите за советите за риболов на море, фала на Ненад за воблерите.
и за крај слика од мамецот со кој имав највеќе удари и извадени риби.

Среда, 10 Август 2016 09:39

Суки Лејк - втор дел

Повторно на истото место започна четиридневниот риболов, Јас Станимир и неговиот син Дидо.
Бидејки си го знаеме местото брзо се распакувавме, припремивме трските , малку прихранување и риболовот започна.
За разлкика од прошлиот пат сега немавме риби над десет килограма но тоа во ниокј случај не влијаеше на нашето расположение.
За мене секоја уловена риба е убава без обзир дали е сто грама или десет килограма.
Малку фотографии од Суки Лејк, штета што ниту еден колега од МК не собра сили да дојде да се дружиме.
Здравје, има денови, така викат

 

Четврток, 14 Јули 2016 10:10

Мушичарска репортажа

Да разбиеме малку монотонија со крапскиве репортажи, со Емил решивме да направиме една мушичарска репортажа :)
Како дестинација ги одбравме Радика и Сатеска, како еден вид тренинг пред претстојниот државен куп во мушичарење кој ќе се одржи на 26.06 во недела на Радика.

Во петокот отидовме на Радика. Почнавме да ја одиме од долу кај Бошков мост нагоре. Сабајлето не пипаше рибата (очекувано, претходниот викенд кога бевме на Радика со Цакуле до кај 10 не сакаше да пипне), ама кога затопли убаво кај 9 ипол - 10, почнаа да удираат ;) Радика беше намалена од претходниот викенд, ама се уште брза.

Првата пастрмка удри кај мене, убаво пастрмче, само 3 минути откако се слушнав со Марјан од Германија и буљашот ми посака среќа во риболовот :) Еве и јавно да му се заблагодарам

После неа извадив уште 2 малку погоре.

Во меѓувреме го чекавме првиот улов кај Емил (пастрмчето од 13 см претходно не се броеше). Таман сакав да тргнам нагоре, кога позади една карпа видов како му удира една убава пастрмка. Емил во прв момент не беше свесен што му удри :)

Борбата траеше неколку минути, дел успеав да снимам. Има мал прекин во видеото, кога стиснав пауза и сакав да му помогнам да ја кепне за да не ја изгуби, ама Емчо се снајде и пастрмката заврши во кеп

Погоре и јас вадев по некое парче, а вежбав и кепање во лет

Извадивме по уште некое парче, поситни додуше. Фати топло, одмаравме во кафанчето во Скудриње и попладнето направивме уште една тура. Попладнето послабо јадеше, мене ми скина една убава пастрмка цел систем со 3 нимфи, фативме по некоја поситна, па ловевме малку на сува пред стемнување, ни удрија по неколку ситни и тоа беше се за петокот.

Во саботата отидовме на Сатеска, во најтоплото. Почнавме да ловиме од 12 саат и неочекувано за мене, уловивме доста бројчано, иако немаше некој голем примерок.

Емил на прво фрлање во река улови пастрмче

Удираа цело време, во секој вир вадевме по 5-6-7 парчиња заедно.

Ловевме до кај 14:30, 2 ипол часа и фативме по 10-15 парчиња по човек. Сите беа пуштени назад.

Попладнето тргнавме на друг дел од реката, во почетокот не сакаше да јаде и таман попладнето кај 18:30 кога почна да удира убаво, при преминување на едно дрво се лизнав и паднав и малку го наполнив комбинезонот со вода, па моравме да прекинеме со риболовот. Тоа Цакуле ме зарече бидејќи претходниот викенд тој се бањаше во Радика и сеирот беше неизоставен. Сега мене ми дојде редот :) Среќа, Емил нема слики од тие моменти :D

Во неделата времето беше шугаво и решив да одморам, Емил и Јулио отидоа на уште една тура мушичарење, ама слабо поминале, не придонесоа со фотки за репортажава :D

Бистро на сите до следниот викенд

Среда, 13 Јули 2016 13:24

In Memoriam

Колеги, денес, после кратко боледување, почина нашиот колега Владимир Андреев, познат на форумот како ВладоМКД, добар другар, страсен риболовец, еден од основачите на РИБАР 2011... Бог да го прости, нека почива во мир :(

 

Понеделник, 20 Јуни 2016 14:33

Краток излет на Вардар

Денови на неколкудневен одмор и како куче одврзано од ланец одма џенем да се фаќа...каде, каде, со кој, сите во лига, наваму-натаму....моја желба беше да одам на Вардар Демир Капија на едно место на кое не сум бил едно 6-7 години, а за кое знам дека држи крап и сом. Информации кој да прашаш, рано е за крап, водата варирала, реки пуштале тантара пантара, ама искуство и интуиција е посилна од се, бев решен да идам. Успеав некако да го договорам Тафта и четврток после работа спремање и џенем дур се гледа.

Стигнавме на местото, обраснато, ниви, треви, коприви, долчиња, капини, дур стигнеш до река еж ќе родиш.
Кога виде Тафта каде го носам дамла го удри, ама што да прави нема назат, нема колата до газ, се потсети на времето кога и он акал по вакви места, земавме опремата и како амали мкни, тегни, пробивај се, некако успеавме на 3-4 пати да се пренесеме и на времево се препотивме 100 пати. Како и да е успеавме да стигнеме пред стемнување и веќе во првиот мрак фрливме трски да се бањаат.

Голем проблем беше што не пречека еден ветер кој на момент корнеше све и цела среќа што не бевме на отворено туку меѓу дрва. Сепак, таков ветер во комбинација со река која носи разни нешта значеше зачестени титки и на најмала осетливост на сигнализаторите. Со оглед на тоа што фаќавме блиску, решение најдовме да ги симнеме свингерите и да тераме без нив во надеж дека ако земе ќе ја распали на напред. Титките намалија, ние подкаснавме нешто и се фукнавме да спиеме со оглед на тоа што и не очекувавме многу првата вечер. Убаво отспавме, Вардар на вакви температури знае да понуди спас и бегство од пеколот.

Следниот ден водата почна да качува постепено и се запре на пладне. Удари немаше, времето пекол и под сенка едвај се дишеше.
Се коваа стратегии за престојната вечер, едно око беше фрлано и кон сомот.
Пробав на стаменување во неколку дупки со гумењаци, вечерта пуштивме и на кедер, а една жаба мораше и курбан да иде, сепак брко не не удостои со своето внимание на овој риболов.
Втората вечер исто без акција, без удар, почнаа првите сомнежи дека е промашување идењево, ми ѕвонеа зборовите на Аки дека било рано и сл...тоа е тоа...Тафта имаше работа, акција немаше, решивме сабајлето да си одиме и да поминеме од Мавровица да ги видиме овие во второ коло лига што прават.

Втората вечер исто ветер корнеше, свингерите повторно ги симнавме, без удар цела вечер, ама сабајлето не разбуди најубавиот звук на сигнализаторот. Трчање гз преку глава преку коприви и други пречки и за кратко трската беше во рака. Крапот беше тргнал кон сред Вардар ама кога осети контра директ се насочи кон паднато дрво. Со крајни напори и на граница да ми скине го сопрев и не му дозволив да влезе во дрвото. Наскоро по кратка борба дивиот се предаде и заврши пред објективот на Тафта.

Како див и како изваден од река која го нема изобилие, дивото си го најде патот за назат во Вардар.

Наскоро почнавме да го собираме кампот и полека почнавме да носиме кон кола. Кога стигнавме да ги збираме трските и родподовите свативме дека згрешивме што ги извадивме свингерите. На истата трска на која излезе првиот крап, малку потоа удрил уште еден, ама овој не го фатила паника да ја спрашти на напред туку тргнал назат и завршил под едно од паднатите дрва. Бидејќи немаше свингер не сме го сетиле и не сме ни реагирале. Си се уплеткал во дрвото асално, не најдовме начин да го извадиме и моравме да скинеме. Мука ни беше што не го сетивме ударот, што не го видовме колкав беше, а најмногу тоа што си одиме, а крапот тек почна да зима. Ама тоа е тоа, повеќе време и поголема сесија некој другпат.

Остана сатисфакцијата дека искуството и интуицијата не погрешија, Вардар сеуште држи убави риби и добро е што сеуште можеме да прелажеме по некој вардарски дивјак.

До некоја следна прилика поздрав до сите форумџии и БИСТРО

Понеделник, 20 Јуни 2016 14:30

Језовир Бистрица - село Безден

И покрај екстремно високите температури нели сме си рибари будали та во Сабота сабајлето Јас, Данчо и Николај се упативме кон јЕзовир Бистрица- село Безден на околу 15-20км. одалечено од Софија во правец на србската граница.
Уште сабајлината почуствуваме дека ако не внимаваме може да го окркаме, посебно што на езерцето и нема многу сенки. Пристигаме, се поздравуваме со Иван, концесионерот , млад но многу способен дечко, малку муабет и се упатуваме кон нашето место.
Ова е типично комерцијална вода, одлично уредена со огромна посетеност претечно на колеги кои ловат на фидер и меч техника, од едно две године започнавме и Ние кои ловиме на дно да го посетуваме се почесто езерцето.
Во склоп на езерцето има прекрасен ресторан со одлична скара, рибја чорба и сите можни студени пијалоци.
Ајде сега малку за риболовот, гледаме позицијата , Данчо застанува нај лево, Јас во средина а Ники десно, местиме трски, кој има род под кој нема колчиња, пот тече од нас се едно врне а не сонце грее, неее, не грее а пече и тоа страаашно.
Прихрануваме колку што дозволуваат условите зафрламе јадиците и бегај под сенка, вода, сокови , отиде за нула време и трк во село да купиме уште , нема заебанција со високи температури.
Ловевме на боили, зимаше апсолутно на секава но за жал многу мали, Данчо имаше две поголеми риби, Јас имав едно зверско повлекување, имав чуство дека ќе се запали машинката, подигање трската и ништо. Целата линија се олабави, мотам и гледам на крај конецот некаде се протрил, скина а не ја ни осетив рибата. Но тоа е, одиме понатаму.
Ноќевавме на отворено, решивме покрај толку топло време за една ноќ не се исплати да го отвараме шаторот, до сабајле имаве друштво на комарци. Но Јас кога ќе заспијам ни комарци ми сметат ни звук на сигнализатор.
Малку снимки од местото на "злосторството"

Вторник, 07 Јуни 2016 10:57

Малку риби

Планираниот дводневен риболов за жал поради лошото време во реонот каде мислевме да ловиме отпадна, па за да не седам дома цел ден на компјутер и да се досадувам, пешив да отидам до "моето" езерце.
Станување сабајле во 6, ставање малку опрема во колата и се упатувам кон езерцето, таму веќе народ колку сакаш, сардисано од сите страни, времето перфектно за релакс. Прихранив малку со спомбот, на едната трска боила Туна Атлантик , на другата кинески зачин, малку пелети во ПВА и за минута двете трски беа поставени во борбена горовност.
Додека се лекаше си направив муабет со неколку познати кои беа тука, по едно кафенце за да се разбудиме како што треба и некаде околу девет часот првиот крап беше надвор.
Со помош на соседите една две снимки и назад во вода. Не помина ни час удар на втората трска , убаво амурче, малку нерасположено за фото сесиа но сепак издржа едно две снимки.
Да не се повторувам имав уште две риби до крајот на денот, некаде околу 18 часот, се на се убав релаксирачки ден поминат на вода со многу пријатели, по некоја риба , задоволен се прибрав дома и еве ви стокмив една кратка репортажа

ЗРСК „Пастрмка“ од Струга како концесионер на рибите во риболовниот ревир на река „Црн Дрим 1“ во тесна соработка со Државниот инспекторат за замјоделство од Охрид во текот на изминатиот период спровело голем број акции за заштита на рибите во актуелниот период на мрест.

-Во споменатите акции запленети се повеќе од еден километар мрежи и друг недозволен риболовен алат: сертмиња, трокуки, харпуни и слично, а затекнати се 12 лица како вршат недозволен риболов и против истите се покренати прекршочни постапки. Во една од акциите беше физички нападнат и овластениот рибочувар вработен во ЗРСК „Пастрмка“ од Струга, за што реагираше и МВР и ќе биде побарана кривична одговорност за сторителот. Ги информираме сите риболовци дека како концесионер, заедно со Државниот инспекторат за земјоделство и во наредниот период ќе продолжиме да спроведуваме акции за спречување на рибокрадство и риболов во забрана за мрест. Оваа година како концесионери се надеваме и на финансиска помош од Владата на Република Македонија со што заштитата би била уште поуспешна, информираат од ЗРСК „Пастрмка“ од Струга.

Оттаму потенцираат дека и во текот на наредниот период ќе продолжат да спроведуваат акции за спречување на рибокрадство и риболов во забрана за мрест.

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo          spin fly          pastrmka          bistroinspekcija