Испечатете ја страната
Турија

Турија

Акумулацијата ,,Турија,, се наоѓа во сливот на реката Турија 4 км. узводно од селото Добрашинци и 16 км. северно од градот Струмица. Изградена е во периодот од 1968 - 1971 година, а пуштена е во експлоатација во 1973 година. Наменета е за: водоснабдување на градот Струмица и индустријата, наводнување на дел од Струмичкото Поле со површина од 10.050 ха. За наводнување од акумулацијата годишно се испорачуваат од 3 до 18 милиони м3 годишно, а воедно и за добивање на хидроенергија со двонаменско користење на водата или, во случај на појава на прелив на водата. Со акумулацијата ,,Турија,, со бруто запремнина од 50.35 милиони м 3 вода се овозможува повеќегодишно израмнување на билансот на водите на реката Турија. Максимална кота е на 391.0 м.н.в. со вкупен волумен на акумулацијата од 50.35 милиони м 3 вода и корисен волумен од 47.85 милиони м3 вода. Акумулацијата опфаќа површина од 180 ха. со максимална длабочина од 54 м. Ова подрачје е со влијание на субмедитеранската клима од Егејското Море со поголемо или помало вкрстосување со континентална клима, со долги топли лета и високи среднодневни температури, намалено годишно количество на врнежи, засилена аридност, менлив плувиометриски режим и намалена зимска температура. Просечна годишна температура на воздухот е 13.1°С, со највисоки просечни месечни температури во јули од 23.9°С и најниски просечни месечни температури во јануари од 1.7°С. Просечно годишно водениот талог за ова подрачје изнесува 604 мм. со максимум во есен и во пролет (април-мај), додека долготрајните суши (над еден месец) се ретка појава (2%).

Големина на риби по видови под која не смеат да се ловат

Крап нативен 35см

Сом 50см

Црвеноперка 20см

Плашица 11см

Костреш 20см

Клен 25см

Мрена речна 30см

Карас

Сончарка

За алохтоните риби карас и сончарка предлагаме да не постојат минимални мерки под кои што тие не смеат да се ловат за да се намали нивната популација и да се стави под контрола нивниот развој во акумулацијата Турија.

Се забранува ловење на одредени видови на риба во акумулацијата Турија за периодите:

- крап од 01. Април до 30. Јуни

- сом од 01. Април до 30. Јуни

- клен од 01. Мај до 31. Мај

- црвеноперка од 01. Април до 31. Мај

- мрена од 01. Мај до 30. Јуни

За рекреативен риболов се дозволува:

Две риболовни трски со по три јадици на трска или три риболовни трски со по една јадица (со или без машинка). Дозволениот дневен улов би изнесувал крап и сом до 2 примероци, плашица до 4 кг. клен и скобуст до 2 кг. Останатите видови на риба до 3 кг. и карас и сончарка неограничено.

Прегледано 6092 пати