Испечатете ја страната
Дојранско езеро

Дојранско езеро

Дојранското Езеро е најмалото тектонско езеро во Република Македонија. Се наоѓа во нејзиниот југоисточен дел, заземајќи површина од 43,1 км². Западниот, поголемиот дел (27,3 км²) и припаѓа на Република Македонија а источниот, помалиот (15,8 км²) на Грција. На север басенот на езерото е заграден со Беласица и Боска Планина. На запад се планините Дуб и Кара Балија, а на исток Круша. На југ е отворен по долината на реката Ѓолаја кон Солунското Поле.

Потекло и Хидрологија

Нивото на езерото е на надморска висина од 148 метри. Тоа е плитко езеро, со најголема длабочина од 10 метри. Дојранското Езеро е создадено во неогено-квартерниот период и има тектонско-вулканско потекло. Всушност, тоа е реликтен остаток од некогашното плеистоценско Пеонско Езеро, коешто зафаќало површина од околу 127 км².

Дојранското езеро е најтопло езеро. Високите температури на воздухот и на водата се условени од близината на Егејското Море. Температурата на водата во Дојранското езеро достигнува до 27 С, а има провидност од 1 до 3.6 м. Со вода езеротото се храни со подземните извори како и од реките: Голема Река, Топлец и др. Езерото истекува преку реката Ѓолаја, која се наоѓа на грчка територија.plaza

Флора и Фауна

Дојранското езеро е еутрофно езеро, заради големата продукција на органска материја. Езерото е богато со фито и зоопланктони. Синозелените алги се најмногу застапени со фитопланктон на езерото. Во август и во септември нивната маса е толку голема, што целата површина на езерото е покриена со воден цвет. Животинскиот свет е претставен од без'рбетници (праживотни-едноклеточни животни, сунѓери, црви, мекотели, членконоги, инсекти и др), како и претставници од 'рбетниците (риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи). Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, 1 вид претставува локален ендемит. Некои без'рбетници (посебно вилинските коњчиња) и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE. Дојранското Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици во огради од трска, т.н. мандри.

Легенда за Дојранското Езеро

На местото на денешното Дојранско Езеро се протегала широка дилина со бујни ливади и разновидни градини. На едно поткренато место имало голем извор. Покрај долината живеела убава девојка која се викала Дојрана. Во Дојрана биле заљубени многу момчиња, но за голема несреќа и еден турска големец-кајмакам. Убавата девојка не можела да замисли да се мажи за него. Кајмакамот почнал да оди по неа. Ја следел на секој чекор. Не и давал мира. Наоѓајки се во безизлезна положба, а да не му падне во неговите раце, се фрлила во големиот извор. Изворот го прифатил нејзиното невино тело. За да го покрие и освети, почнал да се излива. Ја покрил целата долина.За кусо време долината се претворила во прекрасно езеро. Исто како што беше прекрасна и девојката Дојрана. Езерото и градот го добија името по убавата девојка Дојрана. Езерото го нарекоа Дојранско Езеро, а градот Дојран.

Прегледано 19709 пати

Галерија