Дали се работи за рекреативниот или пак за спортскиот риболов, дали се работи за ловењето на тапа, крапскиот риболов, спин риболовот, мушичарењето, една од суштинските работи во риболовната психоза е очекувањето, или надежта.
Сепак прашање е дали и колку очекувањето може да влијае негативно или позитивно во животот на еден риболовец. Ако не би имало очекувања тогаш прашање е дали воопшто рибарите би имале предизвик и водилка да одат по риби ? Реализираните очекувања секако ја зголемуваат самодовербата на рибарот и го хранат егото дека јас сум добар рибар, имам познавања, имам тактика, знам на кој мамец, на која прихрана, на кое место, на каков систем да ја најдам рибата. Но од друга страна нереализираните очекувања на терен раѓаат незадоволство, депресија, ги ставаат под знак прашалник познавањата, стратегијата и сигурноста на рибарот во себе.
Секако дел од рибарите имаат и различни очекувања. Некои очекуваат да фатат многу риби, некои очекуваат да фатат по некоја риба и со тоа се задоволни, некои очекуваат да фатат големи риби и со мали не се задоволни, некои не ни очекуваат да фатат риби туку очекуваат добра дружба со пријателите и одмор во природа. Колку тоа има влијание очекувањето на рибарот говори и народната ...“Абе болен ќе падне што не фатил риба“.....Или пак некој што ќе се врати разочаран од риба, не поради тоа што не фатил риба, туку затоа што фатил мали риби.
Сепак кај рекреативците се чини очекувањата и не се до толку изразени колку кај натпреварувачите. Очекувањата се посебен фактор во натпреварувачката категорија, или таканаречениот спортски риболов. Тука веќе рибарот не се натпреварува само и единствено со природата, туку првично и основно со другите рибари. Да се биде подобар, да се биде најдобар, да не се изгуби, да се добие награда, да се добие престиж и признание од другите, па некои размилуваат и за финансиските средства што ги дале за учество и подготовка на тој натпревар. Притоа егото има големо влијание. Очекувањата кај секој натпреварувач се различни. Во главно без разлика дали признале или не, на секој натпревар секој учесник има отворени, или сокриени очекувања и надеж дека ќе биде прв, или барем во првите три. Кога ќе почне натпреварот почнуваат и осцилации во очекувањата. Почнува да работи психата.
Тие што добро почнале си викаат “Добро е меѓу најдобрите сум, се е во ред, расположението е најдобро ниво“. Од друга страна тие што почнале лошо се борат со притисокот дали им е исправна стратегијата, дали да менуваат нешто или да чекаат резултат на својата тактика и искуство. Веќе почнуваат да размислуваат дека првите три места се тешко достапни. Летвичката на очекувањата ја симнуваат подоле, па си викаат “...Па добро и немора да сум во првите три“. Како мине времето и како рибарот гледа дека околу него, или карши се вадат риби, а тој не вади, нервозата се зголемува, а сомневањата во себе се зголемуваат. Дилемите се почести, а очекувањата дополнително се менуваат. После половина од натпреварот во кој натпреварувачот е меѓу најлошите, или воопшто нема фатено риба, веќе очекувањата се симнуваат на друга граница, а тоа е да се фати некоја риба, “да се упишам“ со некоја риба и да не бидам последен или меѓу последните. Ваквите очекувања и нивното менувања некогаш може да бидат добар поттик за крајниот резултат, но често може да направат натпреварувачот да влезе од грешка во грешка, па од таму прашање е како да ги концепираме очекувањата на натпреварите и воопшто во риболовот ?
Дали очекувањата се позитивна или негативна категорија во мозокот на рибарот ?
|