Денес имав интересен ден. Моментално работам една многу неблагодарна работа - доставувач (поштар по ЈУС) во една приватна ( на времето имаше само една сојузна пошта, а сега...има еден куп такви) пошта и имам прилика или понекогаш и неприлика да среќавам разни луѓе. Некогаш имам пријатни искуства со луѓето, особено ако се сиромашни. Тогаш и душата ти ја подаруваат затоа што немаат ништо повредно од тоа и несебично и искрено ги споделуваат своите стравови, надежи, разочарувања со тебе, иако те гледаат прв пат во својот живот. Има луѓе материјално богати кои се плашат и на сопствената сенка, да не им ја засени алчноста, себичноста, малограѓанштината,духовната беда. Ѕиркаат низ окцето и одат на прсти до вратата, да не ги чуе поштарот. Стрелаат ко низ снајпер низ окцето и потоа безшумно се враќаат на својата кожна гарнитура тресејќи ја пепелта од своето Марлборо на персискиот тепих. "Ќе исчисти чистачката,јас немам време, ќе ми почне Сулејман на Тв". Ете,едно од можните сценарија во една невозможна земја.
Нејсе, денес мислев дека ќе имам вообичаено невозбудлив ден. Но, не беше така. Носејќи една пратка во една населба, до одредено лице (заб. примател), не го најдов дома, и следејќи ја процедурата и службата оставив известување за примателот. По некое време заѕвоне телефонот и колешката соопшти дека лицето со иницијали Ј.М. сака да ја подигне пратката и каде точно се наоѓам со локација за да се најдеме. Разменивме телефон со примателот посреднички преку колешката и се договоривме да се најдеме на локацијата икс. По некое време примателот ми се јави телефонски "Ете сум, во кола, те гледам, дојди..." Кога се приближив, не ми се веруваше! Па тоа е ЈанеМк, од форумот! Срамежливо прашав "Да не сте рибар случајно?" Мајсторот се насмевна и рече "Да, Јане се викам, а на форумот сум ЈанеМк".
Пред некое време му здодевав со прашања на форумот, а сега, ко гром од ведро небо се појави пред мене. Впечатокот беше огромен. Веднаш се виде дека Мајстор Јане е благородна и несебична личност со страст кон риболовот и природата. Се разврза муабет за риболов, совети, искуства, и бога ми, мајсторот е прав мајстор, за се си има одговор поткрепен со искуство. Времето беше кратко, но со ветување за повторна средба,кафе муабет и потајно се надевам и некоја риболовна сесија каде може ем да се учи ем да се ужива. И ете, мајсторе, овој текст го посветувам на тебе,ЈанеМК...Бистро!